Замислете некој да ги шпионира сите ваши разговори преку паметниот телефон, да има пристап до вашите пораки, па дури и до сите фотографии што сте ги сликале со вашиот уред – ова е кошмарот на сите корисници на смартфони, кој сега е реално остварлив преку неодамна откриената апликација „
Триаут“ за Андроид. Оваа апликација ја открија безбедносните експерти од „Битдифендер“, но сè уште не се знае кои се авторите на апликацијата и со каква цел е создадена.
(
Фото: Pixabay)
Со оглед на можностите, од „Битдифендер“ веруваат дека се работи за малвер кој е развиен за шпионирање – маскиран е како верзија на една апликација (Секс гејм) која пред две години беше повлечена од „Гугл плеј“ и навистина изгледа како секоја друга апликација, а всушност е моќна алатка за следење.
„Триаут“ снима разговори (како и телефонскиот број на соговорникот), ги следи пораките и снимените фотографии и ги прикачува на сервер каде што пристап имаат лицата што ја дизајнирале оваа апликација (или кои можеби им платиле на хакери за да добијат и податоци од GPS – што значи дека можат да го следат лицето што го шпионираат).
Исто така, моментално не е познато колку пати оваа апликација е успешно инсталирана на паметните телефони и на кој начин се дистрибуира – веројатно преку неофицијални продавници за апликации и посебни домени кои се под контрола на хакерите. Значи, иако не е познато кој стои зад „Триаут“, некои податоци упатуваат на Русија, со оглед на тоа дека најголем број заразени телефони има во Израел, па се чини дека оваа земја е цел на кибернапад и шпионажа.
Како да се заштитиме?
Врз база на некои податоци од самата апликација се чини дека хакерите и напаѓачите во моментот го тестираат „Триаут“ и неговите опции пред да тргнат во посериозен напад, односно во масовна шпионажа.
Ако ги консултирате безбедносните експерти како да се заштитите и како да го сочувате вашиот „Андроид“ од ваков вид малициозен софтвер, повеќето веднаш ќе ве предупредат на внимателност при преземање апликации – треба да се преземаат само од „Гугл плеј“ и секогаш треба да внимавате при давањето дозволи.
Добро проверете ги апликациите што постојано бараат пристап до информации за повици, пораки и слично – иако ни тоа не гарантира стопроцентна безбедност бидејќи секогаш во оваа продавница на „Гугл“ може да се провлече некоја опасна апликација, но сепак посигурни сте во споредба со неофицијалните продавници и апликациите што ги нудат.