X
 10.08.2019 Живот

Која е разликата меѓу навика и зависност?

Обложувачници има на секој ќош. Ако знаете точно каде е и ако ретко гледате натпревари без тикет в рака, веројатно имате проблем. Исто така, ако работите нешто и одвреме-навреме го проверувате мобилниот, можеби веќе сте зависни, а не ни знаете.

Проблемот со зависноста од коцкањето е еден од проблемите што стануваат сè поголеми. Зависноста од мобилните телефони, пак, не постои како официјална зависност според мерилата на Светската здравствена организација. Тие главно служат за пристап до интернет, а СЗО минатата година само зависноста од видеоигри ја прогласи за официјална болест.

- Лично сметам дека тоа е енормно голем проблем бидејќи практично од дете од две години до возрасни и стари луѓе од 70-80 години практично никој не го испушта телефонот од рака. Мислам дека станавме цивилизација која во голема мера е зависна и дека немаме решение за тоа бидејќи виртуелниот свет е навистина привлечен - вели Ивица Младеновиќ, раководител на белградската Клиника за болести на зависност.

Во оној момент кога „навиката“ ќе почне да го загрозува нашето функционирање, кога поради неа не ги извршуваме нашите редовни обврски, кога учениците имаат проблеми на училиште, кога луѓето се задолжуваат за да се обложуваат, ги запоставуваат фамилијата и општествениот живот, во тој момент тоа станува болест, објаснува тој.

Инаку, според него, постои пандемија на зависност од интернет. Тоа значи дека е поминат прагот кога можело да се реагира.

- Постои зависност од интернет, преземање содржини од интернет, следење содржини, купување преку интернет, сексуални содржини преку интернет, коцкање и видеоигри. Сето тоа се посебни типови зависности, но се плашам дека ќе помине многу време додека СЗО не ја препознае секоја од нив - вели Младеновиќ.

Додава и дека смета оти во квалификацијата на болестите на зависност постои еден лицемерен параграф во кој се наведува дека доколку поради работата минуваме многу време пред компјутер и на интернет, тоа не се квалификува како проблем.

- Како психијатар и психотерапевт, сметам дека тоа е проблем бидејќи не е нормално некој да минува 20 часа на интернет. Се запоставува фамилијата, која е најзагрозена во целата оваа приказна. Проблемот е што и децата од мали влегуваат во виртуелниот свет и се поставува прашањето дали тие некогаш ќе основаат фамилија бидејќи виртуелниот свет им е доволен - вели Младеновиќ.

Во програмите за лекување болести на зависност во последно време се форсира фамилијарната терапија. Се тргнува од претпоставката дека ако некој западнал во проблем, веројатно фамилијата макар и малку придонела за тоа. Системот е најодговорен и тој би требало да развие механизми за да ја намали изложеноста на ризици, но доколку имаме сигурност во фамилијата, сигурно нема да развиеме сигурност.

Обложувањето, пак, додава лекарот, е повеќекратен проблем. Обложувањето и играњето се најчест вид коцкање и има многу висок адиктивен потенцијал. Поголем адиктивен потенцијал има само електронскиот рулет. Проблемот со обложувањето е во тоа што тоа е поврзано со интересот за спорт.

- Многу е тешко да се укине и забрани обложувањето бидејќи тоа постои од памтивек, од настанокот на цивилизацијата - вели лекарот. 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот