Шведската национална телевизија СВТ на крајот од годинава ќе ја емитува серијата „Пајрет Беј“, која ја сними продуцентската куќа „Б-Рил филмс“. Серијата ќе ја прикаже приказната за авторите на пиратската услуга, создадена на почетокот на овој век. Веќе се познати некои детали за серијата, а сега е објавен и првиот официјален трејлер.
Приказната го следи триото Питер Сунде, Фредрик Неи и Готфрид Свартхолм од идејата, преку реализацијата на најпознатата торентна дестинација на интернет, со неизбежните правни последици по тужбата за прекршување на авторските права од страна на големите филмски студија. Основачите завршија в затвор, но пред тоа започнаа голема револуција, го зајакнаа пиратското движење, а нивната приказна го промени начинот на размислување за законитоста на дистрибуцијата на содржини преку торенти и слични сервиси. Некои, исто така, тврдат дека без огромната популарност на „Пајрат беј“, филмската индустрија немаше лесно да ја прифати појавата на стриминг-сервисот кој денес стана главен канал за филмови и серии.
Ниту еден од основачите на контроверзниот торент-сервис не бил вклучен во создавањето на оваа ТВ-серија, ниту пак ќе добие некаков надомест. Продуцентите дошле до својата приказна преку интервјуа со нивните блиски соработници и голем број јавно достапни податоци.
Тројца млади момци ја создаваат најголемата страница за споделување датотеки во светот – „Пајрат беј“. Кога Холивуд ќе сфати дека нивниот стар бизнис-модел е уништен, го возвраќа ударот. Премиерата на првата од шесте епизоди е закажана за 8 ноември.
Засега нема планови за меѓународна дистрибуција на серијата. Сопственик на глобалните права е „Дајнемик телевижн“, но оттаму не објавиле дали, како и кога планираат да ја направат серијата достапна за светската публика. Затоа може да се случи, иронично, голем број гледачи да ја преземат токму од „Пајрат беј“.
Извор: bug.hr
Фото: YouTube screenshot