X
 24.09.2019 Живот

Илон Маск потврди - „Тесла“ пристигнува во регионов

Основачот и прв човек на „Тесла“, Илон Маск, на „Твитер“ напиша дека компанијата наскоро ќе се прошири во Словачка, Србија и во Хрватска.

Маск тоа го напиша во одговор на прашањето на еден од следбениците на социјалната мрежа, кој сакаше да знае кога може да се очекува доаѓањето на „Тесла“ во Словачка.

- Се надевам на отворање во Словачка, Хрватска, Србија и во повеќето земји од Источна Европа на почетокот од следната година. Конечно ќе направиме Никола Тесла да биде горд што ќе има автомобили во земјите од кои потекнува - напиша Илон на „Твитер“.

Маск не прецизира што конкретно значи тоа, но тешко е да се верува дека станува збор за производство на автомобили, туку веројатно тоа се однесува на отворање претставништва или директна дистрибуција, пред сè, на електрични автомобили.

Компанијата веќе почна да ја шири продажната мрежа во Источна Европа, па купувањето на нејзините возила од неодамна е можно во Унгарија, Полска, Романија и во Словенија. „Тесла“ засега има сервисен центар само во Полска, но најавено е отворање на уште еден центар во Будимпешта.

Инаку, според пишувањата на српските медиуми, Србија има солидна инфраструктура за користење на електричните возила бидејќи повеќе десетици полначи биле поставени по должината на автопатиштата, како и во јавните гаражи во Белград и на бензинските станици.

Компанијата „Тесла“ можеби е најпозната по „модел 3“, за чие производство имаше големи проблеми бидејќи капацитетите не можеа да го задоволат големиот број нарачани возила. Поради тоа, Маск минатата година напиша дека почнал да спие во фабриката.

Инаку, производството на автомобилите е само еден сегмент во неговиот бизнис бидејќи тој е основач и на компанијата „Спејс Екс“, како и коосновач на „Неуролинк“ и „Пејпал“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот