Европската вселенска агенција (ЕСА) на „Твитер“ истакна дека морала да изведе маневар за избегнување судир за да не се судри со еден од сателитите на „Старлинк“ на компанијата „Спејс Екс“.
Компанијата на Илон Маск, според челникот на Канцеларијата за вселенски отпад на ЕСА, Холгер Крег, знаела за потенцијалниот судир, но одбила да направи што и да е во врска со тоа, не кажувајќи зошто.
Според западните медиуми, американската војска забележала дека еден од сателитите на „Спејс Екс“ имал 1 во 1.000 шанси за судир со сателитот за набљудување на Земјата на ЕСА, наречен „Аеолус“.
Пентагон ги информирал двете агенции за потенцијалниот судир и иако сателитот на ЕСА го окупирал регионот 9 месеци подолго од сателитот на „Старлинк“, од „Спејс Екс“ ѝ кажале на ЕСА преку електронска пошта дека не планираат да направат ништо за да спречат судир и не понудиле објаснување зошто.
Ова ја натерало ЕСА да го изведе маневарот за избегнување, кој го прави редовно за да избегне судирање со мртви сателити или со вселенски отпад, но ретко за да избегне активни сателити и никогаш претходно го нема изведено за да избегне судир со мегасоѕвездие од сателити. Но, ова посочува на можноста слични маневри да станат почести во иднина.
Иако соѕвездието од сателити „Старлинк“ на „Спејс Екс“ сега се состои од помалку од 60 сателити, тоа може да има и 12.000 како дел од плановите за испорачување интернет до целиот свет и сето тоа може драматично да го зголеми ризикот од судири.
- Не сме вознемирени од тоа што велат дека нема да се поместат. Мене ме загрижува колку често ќе имаме такви настани во иднина. Ова се само два сателита. Сега ќе додадат неколку илјади и и тие ќе бидат разместени и ќе завршат на различни алтитуди. И нема правило или закон како да се реагира, сè е добра волја - вели Крег.
За да се подготви за иднина во која потенцијалните судири со „Старлинк“ би биле почести, ЕСА сега го истражува користењето на вештачка интелигенција за да ги автоматизира системите за избегнување судири и смета дека таквиот систем станува неопходен за заштита на инфраструктурата која агенцијата ја има во вселената.
Сателитите од „Старлинк“, наводно, веќе се опремени со такви системи, па можеби одлуката на „Спејс Екс“ да не прави ништо била дел од план за да види дали тие системи ќе работат како што треба, автоматски приспособувајќи го патот на сателитот без мануелно
интервенирање.
Тоа може да е објаснување зошто од компанијата не кажале која е причината што не дејствувале, но тешко е да се замисли дека во ЕСА не би биле вознемирени кога „Спејс Екс“ би го ризикувал сателитот на агенцијата вреден 560 милиони долари само за да си ја тестира сопствената вештачка интелигенција.