Хао Ли, творецот на дипфејк-снимките од Владимир Путин, објавени во текот на неодамна одржана МИТ-конференција, најави дека реалистичните дигитални имитации на луѓе и видеозаписи ќе станат реалност за 6 до 12 месеци, додека оние што нема да можеме да ги разликуваме од вистинските ќе стигнат за неколку години.
Експертот за дипфејк (техника за синтеза на слики од луѓе заснована на вештачка интелигенција, чие име е кованица од deep learning + fake) неодамна истакна дека совршено реалистични дигитално манипулирани снимки за 6 до 12 месеци ќе им бидат достапни и на обични луѓе.
- Сè уште е лесно да се препознае дипфејк-снимка - рече Хао Ли, доцент на Универзитетот во Јужна Калифорнија и нагласи дека има и примери што се многу
убедливи.
Ли исто така рече дека наскоро ќе стигнеме до точка кога нема да можеме да распознаваме лажно од вистинско и ќе мораме да бараме други решенија.
Колку за
потсетување, дипфејк-видеата со дигитална манипулација монтираат лажно лице на актерите во снимката, создавајќи илузија дека тоа лице е навистина таму.
Ли создал дипфејк-видео од рускиот претседател Владимир Путин кое било прикажано пред присутните на технолошка конференција на МИТ. Целта на видеото била да се демонстрира сегашната состојба на дипфејк-технологијата која се развива многу побрзо отколку што претпоставуваа експертите. Според него, совршените дипфејк-снимки, кои не е можно да се разликуваат од вистинските, веројатно ќе ги гледаме за неколку години.
Ли истакна дека неодамнешните развои на настаните, меѓу кои е и појавувањето на кинеската апликација „Зао“, го натерале да го рекалибрира времепловот.
- На некој начин веќе знаеме како да го правиме тоа. Само е прашање на тренирање со повеќе податоци и имплементација - истакна Ли.
Дипфејк-снимките моментално се сметаат за едни од најмоќните алатки во политичките кампањи и со актуелната стапка на развој наскоро би можеле да станат многу поопасни, особено ако се најдат во рацете на политичари кои сакаат валкана игра.