X
 12.02.2018 Живот

Антропологот Дејвид Ленси: Создаваме генерации на медиокритети


Мајка и дете
(Фото: Pixabay)


Антропологот Дејвид Ленси од Државниот универзитет „Јута“ во својата книга „Воспитување деца“ (Raising children) ги разгледува добрите и лошите практики на современото родителство, споредувајќи го предмодерното со модерното западно општество. Колку што е добро тоа што денес децата не се изложени на тешка работа, толку е лошо што остануваат незрели и неподготвени за растење, а последиците се ментални болести, стрес и пораст на стапката на самоубиства.

Ленси внимателно сецира и демистифицира разни популарни родителски трендови од антрополошки агол. На тој начин покажува дека нагласувањето на силната емоционална врска помеѓу мајката и детето, што се потенцира во т.н. поврзувачко родителство (attachment parenting), всушност им е непозната на поголемиот број традиционални култури. Во услови на борба за преживување, преголемата поврзаност на мајката за детето немала смисла бидејќи децата многу често умирале, па секое вложување на преголема енергија и здравје во некое бебе, чие преживување е крајно неизвесно, можело да го загрози опстанокот на семејството или заедницата. Додека само до пред неколку стотици години и на Запад односот кон децата пред сè бил прагматичен, ние денес „не смееме да дозволиме нишалото да отиде премногу на спротивната страна и поради поврзаност со бебето, да трпи животот на семејството“, пишува Ленси, мислејќи пред сè на практиката на заедничко спиење, хранење по потреба на детето и постојан контакт меѓу родителите и детето.

На удар на критиката на Ленси е и митот за „единственоста“ на секое дете, кој заедно со менталитетот во кој секој е победник создава генерација на медиокритети. Толку далеку отидоа родителите во заштитата на децата од неуспех, што во училиштата се забранува поправање на грешките во задачите со црвено пенкало бидејќи тоа би можело да ја загрози детската самодоверба.

Решението на Ленси е „благото занемарување“ и се однесува на изложувањето на децата на предизвици и ризици кои ќе ги направат поотпорни и посамостојни. Како антрополог, Ленси имал можност да открие колкави способности се кријат кај децата – во многу традиционални општества тие успешно и вешто манипулирале со алатки, ножеви, мачети, а петгодишниците ги чувале помладите браќа и сестри. „Детството што го познаваме ние целосно е модерно откритие“, вели антропологот. Децата во традиционалните општества обично се наоѓаат на дното на општествената скала и од нив се очекува откако ќе се оспособат, да ги отплатат долговите на нивните родители и да ѝ се оддолжат на заедницата за негата и заштитата што им биле овозможени во детството.    

Образованието се стекнува со набљудување и имитирање на возрасните во групи од деца од измешани возрасти кои не се под надзор. Децата сами смислуваат правила на игра и преговараат околу нив, за разлика од современите организирани спортови каде што сè се случува во режија на возрасните. Иако повремено се случуваат кавги, во овие култури децата многу успешно ги надминуваат своите различности и склучуваат компромиси. Повозрасните деца им попуштаат на помладите онолку колку што е потребно за да уживаат во играта. Целта на сите им е да не дојде до ескалација која би предизвикала вклучување на возрасните. Случајот во модерните општества е сосема спротивен, каде што возрасните и нивниот надзор и мешањето се главниот катализатор на детските конфликти.

Работата и играта се цврсто поврзани во традиционалните општества. Главните играчки на децата се смалени верзии на орудијата и оружјата со кои се служат возрасните, и тие, секогаш кога е возможно, учествуваат со возрасните во секојдневните работи. Тоа е тешко да се примени во современите општества, но Ленси предлага родителите максимално да се потрудат да ги ангажираат децата од мали нозе во разни домашни обврски, и по цена на почетокот да ги наградуваат за тоа, со цел подоцна кај нив да се развијат чувствата на одговорност и должност.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот