Ги носевме клучевите од станот околу вратот, одевме пешки сами на училиште и се враќавме во празна куќа бидејќи родителите сè уште ни беа на работа. Преминувавме раскрсници за да купиме гуми за џвакање во облик на цигари кои ги чувавме во празни конзерви.
Нашето игралиште беа градилиштата во близина, купишта земја, бари со жаби, кои ги собиравме како домашни миленици. Се качувавме по дрвја, се враќавме дома прекриени со кал, ги прескокнувавме оградите на соседите. Во текот на летото одевме боси, иако стапалата ни беа црни како јаглен и нечистотии ни се собираа под ноктите. Скиролите, ролерите и велосипедите ги дефинираа нашите граници - нашите родители се лутеа ако од нив баравме да не` однесат на некое место. Беа премногу зафатени со читање весници, гледање серии или пиење пиво/кафе со соседите.
Дома се враќавме кога ќе паднеше мрак, ни минута порано.
Нашите
деца ги добивме доцна. Можеби и предоцна. Сега сме нервозни, хронично ненаспани родители од 40 и нешто години. Тврдиме дека ни е жал што сме чекале, бидејќи моравме прво да „изградиме кариера“ и да „заштедиме доволно пари“ иако знаеме многу добро дека ниту имаме значајни кариери, ниту пак имаме значителна заштеда.
Ги носиме децата на танц, на музичко, на англиски, на пливање, на родендени... Иако тие целосно управуваат со нашето време, ние тврдиме дека овие активности ги прават комплетни личности, социјални, образовани, креативни...
Ретко ги губиме од вид. Тие се нашите млади потомци, пупки кои извираат од нашите стебленца - квалитетот, трајноста и бојата на нивните цветови целосно зависи од нашето внимателно, измерено и промислено одгледување. Ги ставаме во носилки како бебиња, во колички како две годишни деца, им даваме мобилни телефони за да го следиме нивното движење кога се тинејџери.
Спијат во нашите кревети до средно.
Иако ние ги чувавме нашите браќа и сестри кога имавме 9 години (и нашата одговорност беше само да ги зачуваме живи), сега, како родители плаќаме факултетски образовани дадилки, со положена прва помош, со препораки, проверена позадина, кои не само што ги чуваат нашите деца, туку со нив прават оригами, приредуваат претстави, ги подучуваат филозофија и кинески јазик.
Нас секогаш последни не избираа во училишниот фудбалски тим, и не ни беше дозволено да плачиме поради тоа. Ни зборуваа дека треба да бидеме силни и дека не треба да „цмиздриме“.
Наградата би ја добил едно дете од 256, кое навистина прво беше на трката или добило апсолутно најмногу бодови на тестот. Ние останатите губевме.
Ние бевме губитници. И тоа за нас беше во ред.
Медалите, пехарите, значките и дипломите за „труд“ и „учество“ сега ги покриваат ѕидовите на собите на нашите деца.
Ние јадевме храна од конзерва, кутија и замрзнувач. Вечеравме пред телевизорот кој имаше само четири канали - три, ако врнеше. Со храната внесувавме се`, а својата дневна доза на витамин Ц ја земавме од „Traubisoda“. Не смеевме да им кажеме на родителите дека не ни се допаѓа јадењето, дека не сакаме да го јадеме или дека не сме расположени за тој вид на храна. Моравме да помагаме со чиниите, да ја изедеме секоја трошка - во спротивно моравме да слушаме лекции за гладните деца во земјите од третиот свет. Она што немаше да го изедеме за вечера, го добивавме за појадок наредниот ден.
Како родители на нашите деца со часови им го приготвуваме совршениот оброк, без глутен, домашно, органско...
Како деца ние ги извршувавме домашните обврски. Ги рибавме подовите, ги диплевме алиштата, ги чистевме вецињата, ги пеглавме завесите и ги миевме автомобилите. Ги извршувавме сите овие задачи бидејќи нашите родители така ни рекле, затоа што нашите родители ги болеше грбот и бидејќи беа диктатори од кои се плашевме. Скоро никогаш не добивавме пари за домашните обврски. За да заработиме пари моравме да продаваме сладолед, да миеме шофершајбни на бензиските, да разнесесуваме весници.
Нашите деца добиваат џепарлак само затоа што постојат. Тие се премногу зафатени за да имаат вистинска работа. Тие имаат огромен избор пред себе. Нивното детство литчи на шведска маса или „all inclusive“ аранжман. Можат да изберат како ќе ги казниме - дали ќе одат во собата или ќе им забраниме нешто друго. Но, тоа и воопшто не е важно, тие не го знаат значењето на зборот „не“.
Нашите родители се држеа подалеку од училиштето, им веруваа на нашите наставници и нив им ја препуштаа грижата за нешто образование. Не се пишуваа петиции кога цело одделение ќе добиеше единица на тестот.
Никој од нас не беше надарен.
Денес, сите наши деца се надарени.
За некоја година, кога нашите деца ќе бидат постари, ќе се жалат дека премногу сме ги сакале, дека не сме ги научиле како да заработуваат за живот, како да располагаат со парите и дека требало да ги оставиме да направат повеќе грешки, за повеќе да им биде срам. Ќе се жалат дека им биле потребни повеќе правила, поголема независност и помалку од нашето „пријателство“, помалку време пред екранот, помалку структури, помалку параноични интернет линкови.
Aвтор: Ањали Ењети