X
 24.11.2019 Живот

Човекот што се откажал од американскиот пасош поради данокот

Кенет Дарт, наследник на династија која се занимава со производство на кутии од стиропор и повлечен бизнисмен, 25 години живеел на Голем Кајман, а се верува дека е најголем приватен земјопоседник на архипелагот. Жителите на Кајман го споредуваат со Бетмен, Хауард Хјуз, но и со Ворен и Џими Бафет.

Дарт живее на плажата „Седум милји“ во еден стар хотел - поточно во целиот хотел. Го купил во 1994 година откако се откажал од американското државјанство, а овој обид да го избегне данокот бил толку дрзок што потегнал измена на законодавните мерки. Иако Кајманските Острови биле некакво засолниште за финансиерот, Дарт, за кого се верува дека денес има 64 години, на крајот ќе ја дефинира иднината на архипелагот.

Тој во 2007 година го отворил „Камана Беј“, спој на објекти за шопинг и забава, а потоа почнал да откупува земјиште и недвижности. На списокот на негов имот денес се Рик-Карлтон, јахтинг-клуб и ресортот „Кимптон“. Во февруари неговата групација предложи изградба на епски облакодер вреден 1,5 милијарда долари, кој ќе им парира на Ајфеловата кула и на Бурџ Халифа.

Кајманските Острови се прекуморски територии на Обединетото Кралство. Таму нема наметнати даноци. Од 60-тите години токму Кајманските Острови стекнаа статус на еден од најистакнатите банкарски центри.

Некогаш тие биле место каде што се криеле и складирале нелегални пари, но во меѓувреме станаа место за собир на институционални вложувачи, приватни претпријатија и агенции за недвижности. Од 2016 година на Островите отпаѓаат дури 60 отсто од средствата од глобалните хеџ-фондови, покажа една анализа.

Но, Дарт одбра ранливо подрачје. Површината од околу 200 квадратни километри, Голем Кајман, лежи во просек на само 2 метра над нивото на морето. „Иван“, ураганот од петта категорија, во 2004 година потопи голем дел од островот. Штетата беше проценета на речиси 3 милијарди долари.

- Проблемот е во тоа што ураганите, дури и да не се зачестени, ќе стануваат сѐ посилни. Ако нивото на морето се зголеми за една стапка, ураган од прва категорија ќе нанесе штета каква што некогаш нанесуваше од категорија 4 - објаснува Џејмс Витакер, Кајманец, кој порано се занимавал со банкарство и претприемништво.

Зошто тогаш некој успешен инвеститор како Дарт би откупил толку земја чија судбина, судејќи по сѐ, е да исчезне?

Кога Дарт се преселил на Голем Кајман, неговата тајност поттикнала сомнежи. Куќата во која живеел на Флорида во 1993 година изгорела до темел во пожар, а причината за тоа никогаш не беше откриена. Кога Дарт се откажал од американското државјанство, неколку месеци подоцна прво отишол во Белизе. Тамошната влада предложила отворање на конзулат во Сарасота, каде што Дарт би можел да живее со неговата фамилија, под претпоставка и понатаму да биде ослободен од данок. Меѓутоа, таа идеја никогаш не била разгледана сериозно и Дарт решил да се засолни на Голем Кајман.

Колкава територија од архипелагот е во сопственост на Дарт е внимателно чувана тајна. Дарт не сака да ги коментира инвестициите.

Компанијата на Дарт по финансиската криза во 2008 година почнала да планира и да започнува големи инфраструктурни проекти на Кајманските Острови.

Дарт е роден во богата фамилија која во Мичиген се занимавала со успешен фамилијарен бизнис и ја имала компанијата „Дарт контејнер“. Сепак, тој самиот многу вложувал во финансиски претпријатија, биотехнолошки компании, но и државни долгови.

Според наводите на неговата компанија „Дарт ентерпрајсес“, компанијата во островите вложила околу 1,5 милијарда долари, а планирани се уште милијарда. „Блумберг“ проценува дека богатството на Дарт е 5,8 милијарди долари.

Визијата на Дарт за Кајман е разбирлива. Неговата компанија во снимка претставена лани пред локалната стопанска комора истакна програма за изградба со која ќе се поврзе белата песочна плажа „Седум милји“ со заштитен залив познат како Северен Звук.

Неговите најсмели инвестиции се „Маунт Трашмор“, собирање отпад што се трупал на островот уште од 60-тите години. Компанијата на Дарт предложи да ја преземе депонијата и таму да направи фабрика за рециклирање отпад, која би чинела речиси 500 милиони долари.

Изгледа дека Дарт иднината на Кајман ја замислува како место каде што може да собира пари од данок кој никогаш не е платен и туристичка атракција за ултрабогатите, кои можат да си дозволат да доаѓаат и да си заминуваат од егзистенцијално загрозениот остров.

- Дали сето она што тој го прави е сјајно? Не би рекол. Мислам дека генерално островите профитираат. Мораме да најдеме уште еден или двајца како него и ќе бидеме заштитени од светски потреси - вели Витакер за Дарт.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот