Некаде во суптропскиот регион на Западна Австралија еден пајак-мажјак стои на ливче. Тој го чувствува движењето на женката од другата страна. Иако не може да ја види потенцијалната партнерка за парење, знае дека е таму - и треба да донесе одлука.
Брзањето кон нејзината страна од ливчето може да значи дека таа ќе биде нападната. Стоењето в место може да значи пропуштање на можноста за парење. Така, овој мажјак од видот „Jotus remus“ прави компромис: ја испушта ногата која е во форма на лопатка преку работ на листот и пријателски ѝ мавта.
- Ако таа се приближи и остане мирна, ќе скокне на другата страна од листот и ќе ја искористи можноста за парење - вели Дејвид Хил, коавтор на истражувањето.
Она што е необично за овој пајак со големина на зрно ориз е дека ја нема видено женката до овој љубовен момент, но сепак може да сфати дали држењето на нејзиното тело е во мирување или во одбрана. Потоа тој ги користи овие информации за да го одреди начинот на кој ќе дејствува во ритуалот на додворување и парење.
- Интересно, се чини дека е свесен за нејзината позиција иако не може да ја види - вели Хил.
- Целото однесување е навистина извонредно бидејќи не е забележано кај друг вид пајаци. Бев многу изненаден кога го видов тоа - тоа однесување слично на играта криенка - вели Јурген Ото, кој прв го идентификувал, именувал и снимил овој пајак.
Ото го открил
пајакот кога бил на кампување во Барингтон Топс, место оддалечено околу четири часа од Сиднеј, Австралија.
- Ја распакував опремата и седев, кога го забележав овој пајак што на почеток не ми изгледаше необично. Но, потоа ги забележав неговите нозе во форма на лопатка. Тогаш ме заинтересира - вели тој.
Два дена подоцна Ото се вратил на истото место и барал шест часа. Токму кога одлучил да се откаже, му се посреќило. Оттогаш тој поминал неколку месеци проучувајќи ги овие пајаци, па детално го открил нивниот ритуал на парење.
- Го видов мажјакот како ја прави таа чудна работа - се крие од другата страна на листот, ја пушта ногата во форма на лопатка и ѝ мавта на женката. Потоа отиде на друг дел од листот и го направи истото - вели тој.
Фото: Screenshot/YouTube