X
 02.06.2018 Технологија

Мислите дека со бришењето на историјата на пребарување сте ги избришале сите траги? Грешите!

Сигурно најмалку еднаш сте пребарувале нешто на интернет за кое не сте сакале никој да знае. Откако сте го пронашле она што ве интересирало, во секунда сте почнале да размислувате како да ги скриете своите траги.

Процесот на барање го завршивте како вистински професионалец и ги избришавте трагите, додека смирено проверувавте дали има некои сведоци. Мнозинството ќе помислат дека со затворањето на инкогнито прозорецот се избришале и трагите од активностите.

- Сега можете приватно да пребарувате, па другите луѓе што го користат уредот нема да ја видат вашата активност - објаснуваат од „Гугл“.

Токму во тоа е клучот, некој друг што го користи вашиот уред не може да ја види вашата активност, но тоа не значи дека никој не може да види што сте работеле, туку само оној што користи „инкриминирачки“ уред. Тајното пребарување бара низа „уништувачки“ процедури.

Пребарувањето инкогнито работи на следниов начин: замислете дека сте купиле нов телефон и по неколку разговори и пораки сте одлучиле да ги ресетирате поставките на фабричко приспособување. Мислите дека така сте ги уништиле сите траги? Вие сте во голема заблуда. Во тој случај вашите повици и пораки ќе бидат избришани и нема да се прикажуваат на вашиот телефон, но сѐ уште ќе бидат присутни на уредите на луѓето со кои сте разговарале.

Обично кога пребарувате на „Гугл“ вие сте логирани на профилот на „Гугл“. Корисниците претежно ја бришат историјата и мислат дека на тој начин ги избришале сите траги.

Но, тие траги не исчезнуваат. Остануваат запишани во „Гугл“, во категоријата „My Activity“. Станува збор за дел во кој се бележи и прикажува историјата на вашиот профил, што ја вклучува и историјата на пребарувањето и, меѓу другото, сите страници што сте ги посетиле.

Оние што сакаат да го надмудрат „Гугл“ можеби пред почетокот на трагањето по содржина за која не сакаат другите да знаат дека ја пребарувале ќе се одлогираат од профилот на „Гугл“. Но, дел од страниците ќе се складираат како привремени фајлови, па ќе треба да се ослободите и од тоа.

Вашиот провајдер (ISP) ја бележи секоја страница што сте ја посетиле и сѐ што сте прегледале и симнале од интернет. За да ги избегнете овие потенцијални можности на откривање, би било паметно да користите виртуелна приватна мрежа (VPN), која ви овозможува да го пренасочите вашиот сообраќај, кој сега би дошол од некој друг сервер, па и информациите ќе бидат безбедни и шифрирани.

Но таа VPN на која се поврзувате исто така го бележи она што го работите, па има доказ за она што сте го пребарувале и кои страници сте ги посетиле. И тогаш до тие податоци може да се дојде многу лесно, особено ако во потрагата по тие податоци се вклучени правни или полициски експерти. Тие можат да ги прегледаат сите ваши интернет-навики, вклучително и оние сомнителните, ако за тоа имаат оправдана причина: одржување на општата безбедност.

Но, податоците може да бидат искористени и од други лица. Тоа може да се види преку примерот на „Порнхаб“, која се огласува како компанија чија главна цел е чување на вашата приватност, компанија која не ве следи. Сепак, во моментот кога ќе ја отворите нивната страница, ќе видите натпис за снимки од вашата земја. За страница што не ве следи, малку е смешно што веднаш ви покажува дека точно знае каде сте. Оваа страница има три локатори, што е необично бидејќи таа целосно зависи од огласи. „Јутјуб“ во просек има 20 во моментот кога ќе го отворите видеото.

По вашите пребарувања може да се заклучи што барате и што сакате, па може да добиете и огласи засновани на тоа. Страниците ќе имаат податоци и за вашата IP-адреса, вашиот пребарувач, локацијата, основни детали за компјутерот и други информации, на пример, колку време поминувате на одредени категории и содржини.

Така, вашите пребарувачки навики на порнографските страници никогаш не се целосно тајни бидејќи сигурно ќе завршат во рацете на некои огласувачи.

Кога станува збор за „Гугл аналитикс“, таа собира низа специфични информации за корисниците, како што се и споменатите информации за вашиот уред, староста, демографски податоци, брзината на интернет врската и друго.

Иако „Порнхаб“ не ве следи целосно, нејзините огласувачи и „Гугл“ ги собираат сите податоци и така можат да создадат ваш виртуелен личен идентитет, особено ако сте логирани на вашиот профил на „Гугл“ преку „Хром“.

Сите тие лични податоци што мислите дека со бришењето од историјата сте ги избришале засекогаш и за секого, всушност никогаш не се избришани. Останува само надежта дека некој нема да ги искористи на проблематичен начин.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија