„Ментално здравје на студентите за време на Ковид-19“ беше темата на вебинарот во организација на УКЛО, во соработка со Факултетот за безбедност-Скопје и Високата медицинска школа - Битола. Стотината учесници, меѓу кои голем број студенти, со интерес ги следеа анализите на стручниот тим од Психолошкото советувалиште на УКЛО, д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист психијатар од ВМШ, и психологот Драгана Батиќ од Факултетот за безбедност- Скопје.
Д-р Гордана Ристевска-Димитровска говореше за психолошката состојба на студентите за време на пандемијата врз основа на резултати од истражување на 244 испитаници-студенти. Констатирано е дека 1/3 од студентите имаат ниска резилиентност/отпорност, мажите се порезилиентни од жените, секој втор студент покажува знаци на трауматизација и самоизолацијата ја продлабочува депресивноста. Според професорката Димитровска, алармантен е порастот на суицидалната идејација кај студентите (еден од пет студенти) и голем дел - 40% не се задоволни од својата економска состојба, што е важно за менталното здравје и е во релација со горливиот проблем во државата со одливот на мозоци.
Психологот д-р Драгана Батиќ се осврна кон резилиентноста (отпорноста) на студентите за време на пандемијата. Таа посочи дека можноста да се разговара со некој што е професионалец, стручен во таа област, е нешто што студентите го споменуваат. Во однос на индивидуалниот одговор на стрес, врз основа на истражувањето, смета дека сепак повеќето студенти добро се справуваат со стресовите предизвикани од пандемијата, продолжуваат со својот живот, со улогите и обврските што ги имаат и се обидуваат да користат позитивни начини за справување, како што се: физичките активности, учењето, креативните активности, дружењето, хумор.
Според стручниот тим од Психолошкото советувалиште на УКЛО и врз основа на истражувањето, вебинарот е заокружен со препораки за неопходна сензибилизација на студентите за потребата од психолошка помош која е потребна и корисна и оцената дека е потребно развивање нови и иновативни начини за помош. Посочено е исто така дека Психолошкото советувалиште како прво од ваков вид нуди бесплатни услуги, со што УКЛО одговорно и соодветно ја покажува грижата за студентите и нивното менталното здравје.
На настанот, од име на организаторите учество зедоа ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, и првите луѓе од двете единици во кои работи Психолошкото советувалиште, деканот, проф. д-р Никола Дујовски од Факултетот за безбедност-Скопје и директорот на Високата медицинска школа - Битола, д-р Домника Рајчановска.
Вебинарот на УКЛО „Ментално здравје на студентите за време на Ковид-19“ како активност беше поддржана од Националната платформа на Комората на психолози во рамките на Деновите на психологија 2020 за унапредување на менталното здравје.
(Комерцијална објава)