Во периодот од 16 до 18 oктомври, за време на престојот во Белград проректорот на УКЛО, проф.д-р Марјан Ѓуровски, и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, остварија средба со ректорот на Криминалистичко-полицискиот универзитет, проф. д-р Дане Субошиќ, и проректорот на КПУ, проф. д-р Стево Јакимовски. При посетата на КПУ во Белград се разговараше за интензивирање на соработката, поголема размена на студенти и иницирање меѓународни и регионални проекти.
Покрај тоа, проректорот Ѓуровски и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, професор Дујовски, го посетија Факултетот за безбедност при Државниот белградски универзитет. На средбата со деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Н. Цветковиќ, и продеканите, доц. д-р Александра Илиќ и проф. д-р Борис Кордиќ, се разговараше за продлабочување на соработката, академската мобилност на професори и студенти и искористување на можностите за работа на меѓународни научноистражувачки проекти.
На крајот обајцата зедоа учество на Белградскиот безбедносен форум, кој претставува еден од најзначајните настани од областа на меѓународната безбедност и односи. На Форумот присуствуваа претставници на академската заедница, меѓународни и регионални безбедносни и политички организации, тинк-тенк и невладини организации од ЕУ, САД и др. Проректорот на УКЛО и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје остварија средба со претседателката и програмски директор на Фондот за политичка извонредност и први луѓе на Белградскиот безбедносен форум, Соња Лихт и д-р Марко Савковиќ, со цел воспоставување идна поблиска соработка, а разговараа за изнаоѓање механизми во следната година да се организира Меѓународен безбедносен форум во земјава од страна на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, односно Факултетот за безбедност-Скопје.