X
 20.05.2017 Образование

Кога бев студент... Со проф. Синоличка Трпкова: „Улогата на студент е најлесна – можеш да експериментираш со самиот себе и да грешиш“

Кариерата ми беше веќе здраво почната за време на студентските денови. Во еден миг сосем заборавив дека сум студент. По извесно време татко ми ме потсети – „сѐ е добро што правиш, но убаво би било и да дипломираш.” Се затворив два месеца в соба и бидна. Ете зошто понекогаш се важни родителите и кога си возрасен. Го почитуваат твојот избор, те поддржуваат, но и те поттурнуваат кога треба – вели професорката од ФДУ



Во мое време не беше нормално да се конкурира на Факултетот за драмски уметности како што е денес. Ниту во моето семејство тоа беше очекувано. Иако мајка ми беше актер, режисер и писател и многу поразлична од обичните мајки што работеа од седум до три, јас бев поинаку насочувана. Бев далеку од лош ученик и можев да се запишам, нели, на „посериозен” факултет, но ги изненадив моите во последен миг. Непријатно. Неочекувано. Татко ми беше универзитетски професор, брат ми - одличен студент на Медицински факултет. Јас бев црна овца. Паметам само дека мајка ми беше извадена од памет и ми рече – „...ако не си надарена, упорна и пожртвувана во оваа професија, ќе ти биде неподносливо тешко.” Сепак, бев упорна и таа конечно ме спои со Јоана Поповска, која ми помогна со приемниот испит (мајка ми не сакаше со ништо да влијае). Тогаш првпат се качив на штиците што живот значат и сериозно си ја завршив работата. Ме примија, ама едвај... сум шушкала кога зборувам – вака ни ја почна својата приказна за незаборавните студентски денови актерката и професорка Синоличка Трпкова, која низ шега вели дека како дете, кога играле на улица со другарките, секогаш глумела машки лик.

Таа е една од нашите најпознати актерки на филм. „Дом за бесење“, „Среќна Нова ‘49“ и „Џипси меџик“ се култните филмови во кои играше уште кога беше студентка. Трпкова веќе две децении е посветена на студентите на ФДУ, каде што предава актерска игра пред камера и други предмети.

-Во 1987/88 бев четврта година со веќе снимен филм „Среќна Нова“. Кустурица бараше локации во Скопје. Меѓу другото, го посетил Столе Попов за време на монтирањето на филмот. Ме видел првпат таму, на проекција. А потоа, мојот Унковски на една претстава во МКЦ и лично ме запозна со Емир. Ништо не е случајно во животот. Сѐ е поради тоа што човек оди по пат кој самиот го избира, упорно и долго, среќава луѓе кои самиот ги избира... или го наоѓаат, оти чекореле на иста „траса”. Секоја приказна е обмислена од човекот, исто онака како што се обмислени, градени и создавани од нас самите филмовите, претставите, нашите животи, нашиот свет. Или како што велат стиховите во поемата „Инвиктус“: „Јас сум господар на мојата судбина, јас сум капетанот на мојата душа!“ – вели Трпкова.


Ја навративме на приемниот испит. И призна дека сè памети, и тоа како била облечена и комисијата и колку сериозна била, „небаре оперирам пациент“.

- Не размислував дали ќе ме примат или не. Ниту ми беше страв. Едноставно го правев тоа што најмногу го сакав, го правев докрај, без двоумење и бев спремна и животот да го дадам. Очигледно ставот ми бил како што треба. Кога го студираш тоа што го сакаш и веруваш во себе, не е тешко. Барем тогаш не беше. Потешко ми беше на теоретските предмети. Мораше да се седне и да се учи.

Читав повеќе од задоволство. Ако не ми се допаѓаше некоја книга, забошотував. Имав период кога интензивно читав научнофантастична литература и обожував такви филмови, наспроти тоа што ми беше во програмата. Но, на главните, практични предмети уживав како риба во вода. Многу ги сакав часовите по актерска игра и пробите и мислам дека најубавите моменти на факултетот ми биле испитите, оние главните, завршните. Кога станав апсолвент, малку заглавив. Тогаш работев вон факултетот, имав многу професионални ангажмани, патувања и немав време за „бубање”. Мене кариерата ми беше веќе здраво почната за време на студентските денови. Во еден миг сосем заборавив дека сум студент. По извесно време татко ми ме потсети – „сѐ е добро што правиш, но убаво би било и да дипломираш.” Се затворив два месеца в соба и бидна. Некако како да изгубив желба при крајот, особено зашто се работеше за теоретски предмети, за кои требаше подготовка. Ете зошто понекогаш се важни родителите и кога си возрасен. Го почитуваат твојот избор, те поддржуваат, но и те поттурнуваат кога треба – категорична е Синоличка, која дипломирала во 1988 година. На своите професори се потсетува со радост, вели дека сите тие биле светови за себе, „главно режисери и медиумски работници со огромни познавања од филм, театар и уметност, воопшто“.



- Имав двајца главни професори. Три години бев во класата на проф. Љубиша Георгиевски, а четвртата ја крунисав со проф. Слободан Унковски. Совршена комбинација. Од обајцата научив многу. Кратко кажано – „научив” дека се занимавам со смртно сериозна професија која истовремено е и екстремно возбудлива, инспиративна, креативна. Колку што Љубиша ме вадеше од „комфор-зоната” и ми создаваше чувство на константно лично преиспитување, толку, од друга страна, Унковски ми даваше неограничена слобода, сигурност и леснотија во работата. Тоа и не би го нарекла учење, а повеќе - ретка можност за едно длабоко себеоткривање и самоосознавање. Работев и со проф. Владимир Милчин (кој ми беше и професор по светска драма и театар) на „Мизантроп“ од Молиер и со Паоло Маџели во „Црна дупка“ од Г. Стефановски, „Среќна Нова 49“ на Столе Попов и играв рамо до рамо со врвни и искусни актери. Сето тоа беше дел од моите студии – се потсетува актерката. Учела вредно, а оценките ги верификувале талентот и работата.

- Никогаш не сум била мрзелива и неодговорна, барем што се однесува до учење. Сум раснела во семејство кое било „по учењето”, ако така можам да кажам. Цел живот сум го гледала татко ми опкружен со книги (ги читал и пишувал) и во долгогодишни истражувања. Мајка ми, исто така, иако во сосем друг правец. Брат ми црташе одлично, но науката му беше и му остана силна страна. Веројатно е до опкружувањето во кое човек расте, работите што ги гледа и впива од своите најблиски. Дали тоа се вика и амбиција, не знам. Но, секако е внатрешна потреба да се допира секогаш повисоко и подалеку... Оценките можеби и не ми биле толку важни, но сепак кажувале за тоа дека не ми било сеедно. Човечки е да се стремиш кон некоја подобра и поуспешна варијанта од самиот себе – вели Трпкова.

За неа, студентските денови биле најубавите денови од сите фази на учење.

- Немавме мобилни, ниту интернет, но затоа имавме ден и ноќ седенки и забави. Бевме фина класа, делевме и добро и зло на сцена и надвор од неа. Одлично си ги знаевме слабостите и предностите. Делевме простор зад сцена, во гардероба, во дворот на ФДУ. Имавме меѓусебна конкуренција, која секогаш беше креативна и позитивна. Дружбата со колегите студенти ми беше најубава. Актерите-студенти тоа најдобро го знаат. Тие имаат свој свет и разговори и однос што се малку поинакви од останатите. Мислам дека токму нивниот имагинативен (личен) свет и нивната различност најмногу ги зближува. Тогаш, а верувам и денес. Секој млад човек е во потрага по својот свет. Јас баш тогаш, во моите студентски денови на ФДУ го пронајдов својот – вели Синоличка.



Актерката пишувала колумни во студентското списание „Студентски збор“, во време кога уредник бил Горан Михајловски, и тоа ù бил омилен дел од студирањето.

- Некако ми се допадна улогата на колумнист. Наеднаш како студент добив можност да пишувам на тема по мој избор во студентски весник. Кога си актер, пишуваат најчесто за тебе: критики за твоите улоги на филм, во театар или полнат жолт печат со приватен дел од твојот живот (тогаш со многу повеќе вкус и чувство од денес). И наеднаш, јас добив шанса за „одмазда”. Па така, откако се исмеав самата себе, ги подбрав тогашните театарски критичари. Исто онака како што немав милост кон себе, немав ниту кон нив. Тогаш еден мој драг, постар професор ме застана во ходник на ФДУ, вчудовиден. Се сеќавам колку беше непријатно изненаден од мојот јазик и третман кон нашата театарска критика. Ме искара, но со притаена насмевка – се потсетува Трпкова.

На прашањето дали ù е потешко од другата страна, односно кога треба да пренесува знаење на студенти, таа вели дека „улогата на студент е најлесна“.

-Тешко ја печев професијата асистент. Сè е поразлично од тоа кога глумиш на сцена и на филм. Пренесување знаење е ѓаволски тешка и одговорна работа. Му бев асистент на мојот прв професор, Љубиша Георгиевски. Знаев како е да си студент кај него и понекогаш ми беше тешко за студентите, оти точно знаев низ што сѐ мора да поминат. Бев уште поодговорна од претходните ангажмани, но таа професија бараше многу повеќе од тоа. Како асистент бев сврзно ткиво меѓу нив и професорот, што е особено тешка задача. Филмот ми беше поблизок одошто театарот. Ми „легна” кога влегов на тој оддел и му станав асистент на проф. Данчо Чеврески. Бев на свој терен. Добивав веќе „скршени” актери, но имав и знаење и простор да развијам и програма по модерен терк за игра пред камера. Тоа го работам и денес – вели професорката.

Ја прашавме и дали се многу различни денешните студенти од тие од нејзината генерација.

- Да, затоа што општествените околности и критериуми се неспоредливо различни. И затоа што технологијата е различна и затоа што достапноста до секој извор на информации е нормална работа. Младиот човек денес, за разлика од тогаш, лесно се залажува, мисли дека сѐ му е на дланка дадено и дека со малку напор ќе постигне многу работи. Грешка! Разговараме често со колегите на оваа тема и сите се сложуваме дека занаетот, одговорноста, професионалноста и критериумите мора да се негуваат и да се одржуваат на многу високо ниво. Материјалот од кој е направен еден актер е ист како и порано. Методите на работа можеби се модернизирани, но патот кон себе е секогаш неизбежен - колку подлабоко и поболно, толку подобро и повозбудливо. Глумата е сепак исклучително сериозна професија, каде што смеата и солзите секогаш мора да се искрени до коска и каде што телото, умот и душата се твои алатки. Не може секој да биде актер – категорична е Трпкова.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование