X
 25.06.2021 Наша тема

Кога бев студент со Жарко Димоски: Сакав да пеам со Синатра, да глумам со Богарт и да пијам кафе со Тесла, па станав актер

Мојот факултет, а и целата моја професија е една голема игра. Моите испити во принцип беа пракса и цело време работевме во група, ретко имавме теоретска настава. Студирав три години и, за среќа, не паднав на ниту еден испит

Пуштете телевизија и ќе го начекате како води емисија. Пуштете радио и најверојатно ќе го чуете како пее. Одете во театар и ќе го видите на сцената, како глуми. Станува збор за Жарко Димоски, кој е дипломиран актер, вработен во „Театар Комедија“, но со својот повеќекратен талент е присутен во низа други уметнички полиња.
Глумата, освен што му е професија, му е и прва и најголема љубов. Уште како мал сакал да патува низ времето, да живее во различни периоди и да се дружи со историски ликови, па сфатил дека глумата ќе му го овозможи тоа.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.



Прв актер во фамилија

Жарко, роден во Прилеп, вели дека сите во неговото семејство се талентирани за музика, но тој е првиот актер и прв што професионално се занимава со уметност. Има сменето дури три основни училишта, но секогаш бил одличен ученик. Средното образование го завршил во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

- Основното образование го учев во три училишта, а го завршив во „Кочо Рацин“ во Прилеп. Средното образование го завршив, исто така, во родниот град. Бев одличен ученик и секогаш со радост се навраќам на моите гимназиски денови. Уште од мал сакав да измислам временска машина, сакав да патувам низ времето за да живеам во различни периоди. Сакав да ја бранам честа на некоја принцеза, да се напијам кафе со Тесла, да им кажувам вицеви на Анунаките во древен Египет, да ги видам вселенските бродови што ги граделе пирамидите. Сакав да снимам со Хемфри Богарт, да пеам со Синатра итн.
Сфатив дека сето ова можам да бидам доколку ја имам, поседувам и владеам магијата на актерството. И така се случи - вели Жарко.



Цели студии ми беа една голема дружба

За професионално изучување на актерскиот занает, Жарко одлучил да се запише на Универзитетот ЕСРА во Скопје. Тој вели дека учел на еден од најзабавните факултети, каде што изучувањето на актерската игра преку практични методи и дружбата што ја имал со колегите засекогаш му ги остават врежани студентските денови во неговото сеќавање.

- Јас сум дипломиран актер на ЕСРА во Скопје. Бев стипендиран студент, имав висок просек, над 9, и се трудев да го задржам бидејќи моите студии зависеа од стипендијата. Но, во принцип, и како основец, средношколец и студент, се трудев да го заслужам мојот висок просек бидејќи, нели, знаењето е моќ. Мојот факултет цело време нудеше различни игри, па така и мојот омилен предмет беше актерска игра. Учев на еден од најзабавните факултети, каде што дружбата беше неизбежна. Цели студии беа една голема дружба, на самиот факултет, во студентскиот дом...



Го завршил факултетот за три години, не паднал на испит

Карактеризирајќи го неговиот факултет, а и целата актерска професија како „една голема игра“, Жарко смета дека е привилегија да се биде студент по глума поради тоа што ја имаш честа да живееш туѓи животи. Тој го завршил факултетот за три години, без ниту еден паднат испит. Поради фактот дека уживал во студирањето, немал тешкотии со предметите.

- Со завршувањето на првата година од моите студии, почнав да играм во професионални претстави низ скопските театри. Работев со различни режисери од регионот, кои беа и одлични професори. Дефинитивно, човекот кој ми остави најголем впечаток и кој се залагаше за сите студенти беше и остана професорот Роберт Вељановски.



- Мојот факултет, а и целата моја професија е една голема игра. Моите испити во принцип беа пракса и цело време работевме во група, ретко имавме теоретска настава. Студирав три години и, за среќа, не паднав на ниеден испит. Секој семестар беше изучување на различна актерска метода, каде што подготвувавме сцени од различни периоди и различни автори. Испитите резултираа со тоа што на крајот од секој семестар имавме испитна претстава која ја презентиравме пред публика - додава Жарко.

Студентската менза, боновите и забавите беа една неверојатна приказна

Спортот и музиката од студентските денови, па до денес, му се неразделни делови од секојдневието. Првите години од студирањето Жарко ги поминал во студентски дом, пред да си најде свој стан. Во пораката до сегашните студенти посочува на една, според него, најважна работа, а тоа е да не го сонуваат животот, туку да го живеат сонот.



- Студентскиот дом, мензата, продавницата за бонови, а и самиот феномен со бонови и пазарење, како и забавите во домот, се една убава приказна што мора да се доживее. Со оглед на тоа што бев студент пред нецели десет години и разговарајќи со денешните студенти, можам да кажам дека не се сменети многу работи. Кога зборуваме за стилот на облекување тогаш, за мене облеката отсекогаш била начин да се изразам без да проговорам, што значи дека зависно од расположението, мојот изглед бил различен. Спортот отсекогаш беше и остана мое хоби, а музиката и поезијата беа нераскинлив дел од мене. За сè успевав да најдам време и да го применувам во текот на денот. На помладите колеги ќе им кажам да не го сонуваат животот, туку да го живеат сонот. Да ги преземат сите ризици бидејќи без ризик, нема награда. Со оваа филозофија јас ги поминував моите студии, а верувајте ми, до нив се држам и ден-денес – завршува Жарко.



Фото: Приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема