Градот Берлин одлучил да ги замрзне станарините на 1,5 милион живеалишта во следните пет години, почнувајќи од неделата, во обид да ги контролира растечките трошоци поради кои многумина одлучиле да се отселат од главниот град.
Берлин е првиот град во Германија што директно влијае врз цените за кирија. Мерката се смета за чекор напред кон поголема правда, но многумина сметаат дека е социјалистички метод.
- Точно е дека Берлин се обидува да го стопира растот на трошоците за кирија. Федералната законодавна власт ја пропушти шансата да примени ефективни мерки во изминативе години - вели Улрих Роберц, претседател на Асоцијацијата на станари во земјата.
Фото: Pixabay
Само мал дел од луѓето што живеат во Берлин ги поседуваат своите куќи или станови. Како и во остатокот од земјата, повеќето плаќаат кирија за стан или куќа. Главниот град на Германија беше познат по ниските станарини по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Тогаш се населиле многу уметници и други луѓе што барале боемски стил на живот.
Сепак, во последно време кириите растат во градот, во кој живеат над 3,7 милиони луѓе. Поради тоа, семејствата од средна класа се селат од централните локации во предградието. Дури и побогатите семејства повеќе не можат да си ги дозволат кириите во централните подрачја. Освен тоа, нема многу нови домови во градот, поради што новите жители не можат да најдат сместување.
Фото: Pixabay
Новата мерка на градот треба да ги задржи цените на кириите за становите што биле изградени пред 2014 година во следните пет години. Критичарите велат дека поради оваа мерка, сопствениците на домовите ќе престанат да инвестираат и да ги реновираат домовите. Многумина што не се согласуваат со контроверзната мерка планираат да го тужат градот.
Некои експерти сметаат дека сопствениците на домовите ќе ги чуваат резервните фондови во случај да се поништи мерката. Мерката ја критикувала и партијата на канцеларката Ангела Меркел, која е во опозиција.
- Законот не е решение за недостигот на сместувачки објекти... Замрзнувањето не помага доколку на крајот заштедената станарина можеби ќе треба да се врати - пишуваат од партијата во известување до медиумите.
Автор: Кирстен Грисхабер
Извор:
Independent.co.uk