Во јануари во Шпанија на власт дојде левичарската коалиција составена од Шпанската социјалистичка работничка партија и помалата партија „Унидас Подемос“.
„Унидас Подемос“ во текот на изборната кампања вети дека ќе почне кампања насочена кон заштита на младите луѓе и намалување на бројот на зависници од коцкањето, па тоа ветување сега го исполни.
Во текот на изминативе години индустријата за игри на среќа процвета во Шпанија. Онлајн-обложувачниците, спортските обложувачници и казината од државната лотарија го зазедоа доминантното место на пазарот и ги засенија покер-апаратите поставени во кафулињата и рестораните, некогаш традиционални игри на среќа.
Сега владата планира да го намали рекламирањето на ваквите места на телевизија за 80 отсто и да им забрани на компаниите да користат познати личности за комерцијално обложување.
Фото: Pixabay
На пример, најголемата обложувачница „Кодере“ има договор со фудбалскиот клуб Реал Мадрид за рекламирање игри, а тие реклами се вртат во ударни термини на телевизија.
- Регулацијата треба да биде слична на онаа во тутунската индустрија. Го регулираме секторот што може да има последици врз јавното здравје - изјави шпанскиот министер за потрошувачки работи Алберто Гарзон.
Меѓу предложените мерки е и забраната за рекламирање ваучери за коцкање, со кои се привлекуваат ранливите групи подложни на зависност од коцкање, рече министерот.
Податоците на владата покажуваат дека обложувањето преку интернет тројно се зголемило помеѓу 2014 и 2018 година, достигнувајќи 17,8 милијарди евра.
Обложувачкото и коцкарското лоби проценуваат дека Шпанците преку спортското обложување, казината и националната лотарија годишно губат 10 милијарди евра, што е околу 0,8 отсто од БДП на Шпанија.