X
 09.10.2019 Живот

Државата во која нема жена во парламентот

- Не е нормално да имаме толку висока стапка на насилство врз жените. Не е нормално жените да не можат да учествуваат во ниеден процес на донесување одлуки, вели Јасним Бјорнум, која ја почнала кампањата за родова еднаквост во Вануату.

Парламентот на нејзината пацифичка земја, која се состои од 80 острови, брои 52 члена. Сите се мажи.

Вануату е една од трите земји во светот чиј парламент го сочинуваат само мажи.

- Нашите прашања и нашите приоритети воопшто не се застапени во парламентот - вели Бјорнум.

Затоа во 2016 година таа ја лансирала платформата на интернет наречена „Систа“, за да ги информира жените за нивните права и обврски.

Жените во Вануату што сакаат да се вклучат во политиката се соочуваат со огромен број препреки поради фактот дека традиционалните „совети“ и понатаму имаат голема улога, особено во мнозинските, селски средини.

Советите, кои ги препорачуваат кандидатите за парламент, ги водат мажи.

- Во сите партии се само мажи. Тие ги избираат и кандидатите за парламент - вели поранешната пратеничка Хилда Лини.

Таа вели дека тоа што нема жени во парламентот негативно влијае врз донесувањето одлуки важни за земјата.

- Беа потребни девет години за да се донесе Законот за заштита на семејството, но тој и понатаму не се спроведува како што треба - вели таа.

1
Фото: Getty Images


Работа и еднаквост

Но, жените на Вануату сакаат да достигнат социјална и економска еднаквост на половите.

- Почитуваме строги христијански вредности. Мажите веруваат дека се глава на куќата, а жените се на второ место - вели Бјорнум.

Таа вели дека во парламентот многу се зборува против жените.

Во оваа земја вообичаено е мажот да ги зема парите од жената што заработува.

Според податоците на Светска банка од 2017 година, 60 отсто од населението на оваа островска земја имале струја, а третина од децата имаат проблеми со растот поради неухранетост. Светската банка смета дека намалувањето на родовата нееднаквост е важно за развој на земјата во иднина.

Насилство врз жените


Вануату има 275.000 жители и висока стапка на насилство врз жените.

- Една од три девојки доживеала некој вид сексуално насилство пред 15-тата година, а 60 отсто од мажите се во затвор поради истата причина. Во 90 отсто од случаите жртвата ја познавала личноста што ја нападнала - вели Бјорнум.

Според нејзините зборови, 98 отсто од случаите никогаш не дошле на суд.

- Ако не ја поддржите родовата рамноправност, земјата никогаш нема да се промени. Традицијата во Вануату е многу силна - вели таа.

Политика за иднината

Ситуацијата би можела да се промени, сметаат активистките.

Една група постари жени ја основале демократската партија „Лелеон Вануа“, која сака да ја унапреди позицијата на жените во оваа земја.

Партијата предводена од Хилда Лини поднела кандидатура за изборите во 2020 година и води кампања за на жените да им се доделат 50 отсто од мандатите во парламентот.

- Треба да се обидеме да го промениме Уставот, што ќе им овозможи да учествуваат на мажите, жените и инвалидите - вели таа.

Од партијата велат дека се надеваат дека на листата со кандидати ќе се најдат десетина жени.

zeni
Фото: Getty Images

Право на глас

Во минатото жените гласале по инструкции од машките членови на семејството.

- Им кажавме на жените дека гласањето е тајно и дека тоа треба да биде нивна одлука. Тие не мора да им кажат на мажите или на кој било друг за кого гласале - вели Лини.

Клер Бактон од програмата „Напредок за жените“ од Универзитетот „Карлтон“ во Отава, Канада, вели дека не може да се постигне напредок ако 50 отсто од населението се исклучени од политичките и социјални процеси.

Трите единствени земји во светот со повеќе жени од мажи во парламентот се Руанда со 61 отсто, Куба со 53,2 отсто и Боливија со 53,1 отсто.

Според набљудувачите на изборите, на жените им се зголеми апетитот за промена во политиката и општеството. Почесто и постарите жени се вклучуваат во реформите.

Лини е убедена дека е време за промени. Нејзината визија е јасна:

- 50 отсто во парламентот треба да бидат жени. Тие мора да учествуваат во создавањето закони на оваа земја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот