Да се биде наставник е работа која бара многу, но некои наставници прават сè за нивните ученици. Гарет Џонс, наставник во средно училиште во Јута, беше инспириран да им помогне на некои ученици што имале долгови поврзани со исхраната во училиштето, така што направил видео на „Тик-ток“ за да ги охрабри луѓето да донираат и да им помогнат на учениците да ги исплатат долговите. Првичната цел била 8.000 долари, но за неколку дена тој добил доволно донации за да достигне над 30.000 долари.
Виралното видео е долго само шест секунди и содржи текстуален натпис: „Ако 2.673 луѓе ми испратат по 1 долар, би можел да ги платам трошоците за ручек на секој ученик во моето училиште бидејќи последното нешто за кое детето треба да се грижи е колку должи за оброци на место каде што е законски обврзано да биде“. Во рок од 24 часа Џонс објави уште едно видео, давајќи им до знаење на луѓето дека е изненаден и задоволен што веќе добил 2.000 долари донации. Целта брзо беше надмината следниот ден, кога бројот се зголеми на 8.000 долари, а следниот ден сумата достигна до 20.000 долари.
- Мислам дека за средношколците, единственото нешто полошо од гладот е срамот - вели наставникот, кој неодамна открил дека вкупниот долг на учениците е 8.000 долари. Сега, кога има речиси 30.000 долари од донациите, тој може да даде дел од парите во округот Васач за да го врати долгот и на други ученици.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/Tik-tok