X
 25.03.2021 Живот

Фотограф потрошил 3 години за да изгради самоодржлива куќа во близина на изгаснат вулкан

Кога повеќето луѓе одат на прошетка во село, дома се враќаат со фотографии за на „Инстаграм“ и спомени. Но, кога фотографот Прашант Ашока отишол на прошетка низ планините Лос Пикачос во Мексико во 2017 година, се вратил како сопственик на парцела во близина на изгаснат вулкан.

- Беше грубо и диво место, покриено со огромни камења, дрвја и кактуси. Но, истовремено беше прекрасно - вели тој.

По пешачењето низ дабовите шуми, Ашока се сретнал со еден земјоделец со кој почнал разговор. Му раскажал за неговиот сон да изгради дом на далечно место, а земјоделецот му кажал дека покрај неговата куќа имало парцела што е на продажба, па го однел да го види местото.

- Можев да разберам зошто никој не го купува местото. Немаше пристап до патот, немаше вода и немаше електрична енергија, а се наоѓаше на наклон од 45 степени. Парцелата беше бескорисна дури и за земјоделство - вели Ашока.

Но, тој се заљубил во ова парче пуста земја и знаел дека тука сака да го изгради својот нов дом. Пред да почне со изградбата на куќата, знаел дека не сака неговиот дом да го дели од пејзажот, туку да се вклопи во него. Парите и времето ја диктирале големината и тој почнал да изготвува план за двособниот дом откако гледал видеа на „Јутјуб“. Исто така, ги споделил плановите со неколку архитекти кои му биле пријатели за да му дадат насоки.

1

2

Откако неговите планови биле одобрени од инженер, тој ангажирал проект-менаџер да го надгледува градењето. Иако сметал дека проектот ќе биде завршен за една година, биле потребни цели три години.

- Наместо една, беа потребни три години за изградба бидејќи немав искуство во архитектура, дизајн или градење. Исто така, ми требаше многу време за да добијам одобрение за градба и да се заврши потребната документација - вели Ашока.

Но, тој не само што создаде дом, туку и уметничко дело. Дизајнот на неговата куќа совршено се вклопи во околината. Во текот на денот, неговата куќа наречена „Каса Етереа“ (што на шпански значи етерична куќа) ги рефлектира облаците на небото, а навечер, ѕвездите.

6

5

Ашока инсталирал соларни панели за да има електрична енергија, создал систем за собирање на дождовницата на покривот и ја позиционирал зградата така што можела да ја користи планината за засолниште. Во темелите на куќата била ис користена и вулканската карпа.

- Тоа беше мојот прв обид да изградам дом и сакав да го направам тоа како што треба.

Во обид да не го наруши дивиот свет, тој создаде стакло-огледало што ќе биде безбедно за птиците. Тој работел со локален дизајнер на стакло за да создаде УВ-стакло во пруги, кои ќе бидат видливи за птиците, но не и за човечкото око.

3

За да го заврши проектот, Ашока морал да се стекне со некои инженерски вештини. Но, тоа не бил единствениот предизвик со кој се соочил: во текот на летото во регионот имало пороен дожд, па патот што го направил Ашока до неговиот имот станал непрооден.

- Изградбата запре трипати. Исто така, автомобилот постојано ми заглавуваше во калта и требаше да викам за моите соседи да слушнат и да дојдат да ми помогнат - вели Ашока.

Тој бил загрижен за тоа што ќе мислат локалните земјоделци за неговата модерна куќа. Но, кога било поставено стаклото-огледало, неговите стравови исчезнале.

- Еден од нашите соседи, кој одеше покрај куќата носејќи ги кравите на пасење, еднаш ми рече: „Имаш интересна куќа, секогаш се менува, секогаш се движи - вели Ашока.

4

Во март 2020 година, кога почна пандемијата, градежната индустрија запре. За среќа, тогаш на Ашока му преостанале само внатрешните работи во куќата, па во текот на наредните 5 месеци работел на тоа. Гледајќи наназад, има неколку работи што би ги направил поинаку.

- Би сакал уште еднаш да изградам нов сопствен дом, во зависност од локацијата. Но овој пат, некаде на рамно - вели тој.

Извор: Business Insider
Фото: Prashant Ashoka | Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот