X
 25.04.2019 Наука

На луѓето им е неопходна светлината - ги зајакнува коските, ги зголемува среќата и добриот сон

Веројатно сте забележале дека дневната светлина влијае врз вас и физички и психички. Еве зошто.

На северната хемисфера ноќите траат сè пократко, додека деновите се сè подолги. За оние што живеат јужно од екваторот, важи спротивното. Во текот на зимските месеци многу уживаат во огнот и ќебето, но сонцето е клучно за здравјето. Кога има сонце, луѓето се многу поенергични, дури и посреќни, а летаргични во есен и зима. Научниците имаат објаснување за тоа. Еве што велат.

1. Светлината го контролира нашиот биолошки часовник


Нашето тело функционира во согласност со промената на денот и ноќта и циклусот од 24 часа, како што Земјата се врти околу оската. Таа условеност на менување на денот и ноќта е позната како циркадијален ритам и влијае врз сè во нашето тело - од начинот на кој спиеме, преку метаболизмот, до тоa како телото произведува одредени хормони.

Нашиот циркадијален ритам функционира без оглед на тоа какви се надворешните услови. Иако овој ритам не се променил кај научниците што останале во пештерата без природна светлина, нашето тело е чувствително на светлина.

Светлината е важен сигнал што помага да се започне низата на биолошки функции во телото.

2. Светлината ни помага да спиеме и да се будиме

Една од биолошките функции со која управува светлината е сонот - таа му овозможува на мозокот да знае кога системите што ја одржуваат будноста треба да ја преземат главната улога. Кога почнува да паѓа мрак, нашето тело почнува да ослободува мелатонин, хормон што ни помага да заспиеме.

3. Светлината може да помогне во борбата против инсомнија

Познато е дека сината светлина што ја емитуваат компјутерите, таблетите и телефоните го спречува ослободувањето на хормонот што ни помага да заспиеме. Затоа, здравствените работници препорачуваат да не ги користиме телефоните пред спиење.

Метју Вокер, невролог кој го истражува спиењето, вели дека дневната светлина е клучна за регулирање на спиењето.

Ако сте „ноќна птица“ која се бори со инсомнија, излегувањето на утринската сончева светлина може да ги забрза вашиот мозок и телото во вистинско време и да ви помогне да се чувствувате поспано кога ви е време за спиење.

4. Светлината влијае и врз расположението

Дневната доза на природна светлина не е значајна само за спиењето - светлината нè прави и посреќни. Кога телото е изложено на сончева светлина што допира до мозокот преку оптичкиот нерв, се зголемува нивото на серотонин, хормон што влијае врз расположението. Оние што поминуваат помалку време на светлина - како работниците кои работат навечер, почесто се борат со депресија.

Менталната здравствена состојба што директно се поврзува со дневната светлина во текот на есенските и зимските месеци се нарекува сезонско афективно нарушување или зимска депресија.

Луѓето што страдаат од зимска депресија стануваат сè понерасположени како што деновите стануваат пократки. Депресијата престанува со почетокот на пролетта.

5. Сончевата светлина ги зајакнува коските

Потребен ни е витамин Д за телото од храната да апсорбира калциум и фосфат - минерали клучни за здрави коски, заби и мускули. Недостигот на витамин Д може да доведе до слабеење на коските и деформитет на скелетот.

За среќа, речиси целото неопходно ниво од овој витамин можеме да го добиеме од сончевата светлина и токму поради тоа е познат како „сончев витамин“. Нашето тело создава витамин Д кога се сончаме. Но, и премногу сонце може да биде опасно - затоа задолжително користете крем за сончање и избегнувајте директно изложување на сончева светлина во текот на најтоплиот дел од денот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука