X
 26.10.2020 Живот

Колку пари ви се потребни и на што треба да ги трошите за да бидете среќни?

Го знаете изразот - среќата со пари не се купува? Се чини дека тоа не е сосема точно. Парите може да купат одредено задоволство во животот во зависност од тоа колкаво богатство имате и како го трошите. Едно истражување покажува дека емоционалната благосостојба се зголемува заедно со приходот, до одреден степен.

Истражување спроведено во 2010 година на 450.000 Американци открило дека луѓето со поголеми приходи имаат поголема емоционална благосостојба. Меѓутоа, ова е случај со луѓето што заработувале до 75.000 долари годишно. Емоционалната благосостојба опаѓа кога заработката е поголема.

Линдзи Брајан-Подвин, експерт во областа на финансиите, вели дека годишната заработка од 75.000 долари можеби не одговара за секого. Најважните приоритети се да се задоволат основните потреби, како храна, дом и здравствено осигурување. Потоа, задоволството од животот произлегува и од следните фактори: трошоци за живот во местото на живеење и личните интереси.

- Податоците јасно покажуваат дека нашето ментално здравје е подобро кога можеме финансиски да се грижиме за себе - вели Брајан-Подвин.


Фото: Pixabay

Официјалните податоци покажуваат дека ризикот за депресија кај возрасните е четирикратно поголем кај оние што живеат во сиромаштија. Можноста да се задоволат потребите без да треба да работите повеќе работи овозможува и повеќе дружење со пријателите и семејството, што влијае врз среќата. Едно истражување на „Харвард“ покажува дека блиските врски ги прават луѓето среќни повеќе од парите или славата.

Според Брајан-Подвин, кога ќе се задоволат основните потреби, среќата може да зависи и од она на што се трошат парите. Истражувањата покажуваат дека луѓето што трошат на искуства наместо на материјални работи се посреќни. Сепак, на некои луѓе најмногу среќа им носи купувањето нешто материјално. Како пример, Брајан-Подвин ги дава луѓето што имаат страст за автомобили. Кога луѓето имаат силен афинитет кон нешто, тогаш се среќни кога ќе го добијат.

Заклучокот е дека сумата на пари што му е потребна на еден човек за да биде среќен зависи и од човекот и други околности. Среќата може да зависи од повеќе фактори. За некого, среќа се сезонски билети за спортски тим, додека за друг се редовните масажи или нови патики за трчање.

Брајан-Подвин вели дека парите може да го зголемат потенцијалот за задоволство во животот, но во зависност од тоа како ги трошите. Доколку трошите на искуства или предмети што одговараат на вашите вредности, тогаш ќе бидете посреќни, вели таа.

Автор: Хона Лилс
Извор: insider.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот