Не е сосема јасно кои карактеристики го прават еден човек психопат. Психолошки истражувања покажале дека многу лица имаат одреден степен на психопатски карактеристики, како нарцисоидност и макијавелизам.
Шансите за лицата со изразени психопатски карактеристики да завршат во затвор се повисоки, но многумина со истите одлики функционираат нормално во општеството и немаат екстремно антисоцијално однесување, пишува „Биг тинк“. Ново истражување објавено во „Серебрал кортекс“ открива дека мозоците на психопатските криминалци се слични на многу индивидуалци што не се криминалци во структурата и функционирањето.
Резултатите покажуваат дека психопатијата е збир од карактеристики на личноста кои се разликуваат кај просечното население. Истражувачите ги скенирале мозоците на насилните психопатски криминалци и на здрави волонтери за да направат споредба. Сите мозоци биле прегледувани за психопатија преку стандардни тестови. Мозоците на испитаниците биле скенирани додека тие гледале филм во кој имало насилство.
Фото: Pexels
Резултатите покажале слични реакции во двете групи додека ги гледале насилните сцени. Истражувачите заклучиле дека мозоците на испитаниците со повеќе психопатски карактеристики реагирале слично како мозоците на криминалците што имале дијагноза за психопатија.
Меѓутоа, биле забележани некои разлики, односно структурните абнормалности кај здравите испитаници со психопатски карактеристики најчесто биле поврзани со лажење, недостиг на каење и бесчувствителност. Освен тоа, овие индивидуалци најчесто реагирале импулсивно.
Останува прашањето зошто некои луѓе со психопатски карактеристики завршуваат во затвор, додека други живеат нормален живот? Истражувачите не можеле да дадат дефинитивен одговор на ова, но забележале дека затворениците имаат слаба поврзаност помеѓу клучни јазли во социјалните и емоционалните мрежи во мозокот.
Автор: Стивен Џонсон
Извор:
bigthink.com