X
 25.04.2021 Здравје

Што му се случува на вашиот мозок кога јадете брза храна?

Истражувачкиот новинар и писател Мајк Мос во својата нова книга одново го дефинира поимот за зависност, овој пат поврзувајќи го со преработената храна.

Во новата книга, чиј наслов на англиски јазик е „Hooked“, Мос ја истражува науката за зависноста и тврди дека компаниите за производство на храна ја создаваат преработената храна за таа да го стимулира центарот за награда во нашиот мозок, а тоа прави да се прејадуваме. Сето ова доведува до зголемување на тежината и хронични болести.

Според Мос, преработената храна, како чизбургер, чипс и сладолед, може да предизвика поголема зависност и од алкохолот, цигарите и дрогата.

Додека работел на книгата, Мос анализирал податоци и имал разговори со лица од индустријата. Неговите истражувања покажале дека компаниите сфатиле дека нивните производи предизвикуваат зависност и презеле чекори за да немаат одговорност, како прекинување на истражувањата за ваквата храна и лобирање за закони со кои потрошувачите се спречуваат да ги тужат компаниите.


Фото: Pixabay

Мос пишува и дека овие компании почнале да ги купуваат помалите конкуренти за здрава исхрана во 70-тите години за да го зголемат профитот од обидите на нивните потрошувачи да ги загубат килограмите, кои впрочем ги добиле поради нив.

Мос е поранешен репортер во „Њујорк тајмс“ и добитник на Пулицерова награда. Тој пишува за индустријата за храна од 2013 г. Според него, ниту една дрога не може да го стимулира центарот за награда во мозокот толку брзо како нашата омилена храна.

- Чадот од цигарите го стимулира мозокот за 10 секунди, но шеќерот на јазикот ќе го стори тоа за малку повеќе од половина секунда, односно 600 милисекунди, да бидам прецизен - пишува Мос.

Автор. Анахад Оконор
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје