X
 09.10.2021 Колумни

Колумна: Ментално здравје - од психолог не боли глава

Воопшто не е лесно да се навигира низ општество за кое никогаш не сте доволно добри, но и низ општество кое ништо не прави за да ве поддржи за да бидете добри. Не е лесно уште како деца да сте соочени со купишта и купишта очекувања од околината, особено кога самите не сте доволно зрели и пораснати да ги разберете

Пишува: Стефанија Арсова, студент на Факултетот за психологија на Меѓународниот славјански универзитет

„Моите темни денови ме направија посилна. Или можеби веќе бев силна и ме натераа да го докажам тоа.“

Не е проблем да се биде отворен на оваа тема, поголем проблем е што ја пикаме под тепих и ја стигматизираме. Менталното здравје е исто важно колку и телесното.

Нарушеното ментално здравје не значи дека страдате по сопствена вина, тоа е комбинација од генетски и фактори на околината, како што е стрес или собир на шеми на размислувања, поттикнати од начинот на растење, воспитување, трауми и многу други причинители.

„Луѓето повеќе страдаат во сопствените мисли отколку во нивниот реален живот“ - Сенека.

Проблемот е што ние и не сме баш слободни за посета на психолог. Првата причина е финансиска – никој не е „луд“ да плаќа само затоа што некој го слуша, а другата е дека луѓето се соочуваат со вредностите и ставовите кои им се наметнати од општеството.

Темелна потреба во животот на човекот е да се исполни празнината и да се најде смислата на животот.



На темава можам да зборувам до бескрај бидејќи имаме многу фактори кои придонесуваат кон нарушување на менталното здравје.

Воопшто не е лесно да се навигира низ општество за кое никогаш не сте доволно добри, но и низ општество кое ништо не прави за да ве поддржи за да бидете добри. Не е лесно уште како деца да сте соочени со купишта и купишта очекувања од околината, особено кога самите не сте доволно зрели и пораснати да ги разберете.

Поентата ми е: Низ што и да поминувате не сте сами. Никој од нас не е фасадата што ја гледате на профилите на социјалните мрежи и нема зошто да ги поставувате тие нереалистични стандарди за себе. Бидете фер кон себе и дајте си ја грижата што би му ја дале на пријател кога би дошол кај вас со истите тешкотии и би ви побарал совет.

Користете ги ресурсите што ви се на располагање и секогаш имајте на ум дека не сте товар и имате значење на овој свет. Побарајте професионална помош, може да направи чуда, бидејќи „невозможно“ постои само во нашата глава. Кога ќе го срушиме тој концепт, почнуваме да ги поместуваме нашите граници и да откриваме повеќе за себе и за тоа колку многу сме способни.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни