Продуцентот на песната, Рој Томас Бејкер, рекол дека Меркјури му го отсвирил на клавир баладниот дел што ја отвора оваа песна.
„Го свиреше почетокот на клавирот, а потоа стана и рече: ’А сега овде почнува оперскиот дел!‘, по што едноставно замина на вечера“ – раскажал Бејкер.
Според Крис Смит, пријател на Меркјури, легендарниот пејач почнал да работи на оваа песна при крајот на шеесеттите години. Имено, тој ги свирел деловите од песната на клавир, а еден од нив, познат под насловот „The Cowboy Song“, имал стихови кои подоцна биле инкорпорирани во верзијата што беше снимена во 1975 година. Тој дел дефинитивно ги содржи стиховите „Mama… just killed the man“, што било своевидно ехо на почетните стихови на Рој Орбисон од синглот „Мама“ од 1962 година.
Потребни биле три недели песната што беше издадена во 1975 година да се сними во студио, а кога била завршена, вклучувала дури 180 вокални линии, во комбинација со различни инструменти: акустичен клавир, електричен бас, електрична гитара, тапани...
На сето тоа одел главниот вокал, а не треба да се заборави дека во нумерата беше користен и кинески гонг. Исто така, „Рапсодијата“ станала првата рок-песна во која имало и оперски делови.
Како што веројатно знаете, ова ремек-дело се состои од четири дела: балада на почетокот, оперски дел во средината, по што следува хард рок секција, и завршницата каде што звукот станува помек.
Во еден од највпечатливите делови песната содржи три од четири вокали на членовите на бендот, еден врз друг, за чие снимање биле потребни 12 часа.
Рокенрол-химна
Музичкиот експерт Шила Вајтли вели дека насловот на песната добро ја изразувал современата рок-идеологија, веројатно фрлајќи светло на поединци кои успеваат во боемскиот свет на уметниците, додека присуството на зборот „рапсодија“ ги потврдува „романтичните идеали на арт-рокот“.
Уште еден експерт - Џудит Перајно верувала дека Меркјури со оваа песна имал намера да направи некој вид „лажна опера“.
Иако ова дело навистина звучи прилично неконвенционално во споредба со другите рок-класици, парчето ја задржува оперската логика затоа што интегрира фантастични повеќегласија кои потсетуваат на арии. Освен тоа, емоциите изразени во песната се драматични и пренагласени, со приказна чиј заплет звучи збунувачки.
„Боемската рапсодија“ стана една од најпознатите песни некогаш направени. Она што може да биде изненадувачки е што многу звучни имиња во музичката индустрија тогаш сметале дека песната е премногу долга за да стане хит.
Критичарите на „Њујорк тајмс“ пред сè ја пофалиле песната заради стиховите, сметајќи дека се највпечатливата карактеристика на песната.
Мистично значење
Самиот Меркјури одбивал подетално да ја објасни композицијата. Во еден момент тој споменал дека се работи за односи и врски, но во друга пригода рекол дека стиховите „едноставно се некои случајни бесмислици што се римуваат“.
Другите членови на „Квин“ биле воздржани по прашањето за значењето на песната, иако Брајан Меј суптилно ја поддржал сугестијата дека таа содржи скриени референции за личните трауми на
Меркјури.
Непостоењето на солидна интерпретација на значењето на песната предизвикало најразлични шпекулации. На пример, една теорија укажува на тоа дека станува збор за момче кое случајно убило друго лице, како и дека песната го интегрира прочуениот мотив на Фауст, во кој убиецот му ја продава душата на ѓаволот.
Музичките експерти понудиле неколку интерпретации кои се малку пореални, како на пример Вајтли, која забележала дека тогаш Меркјури бил на животна пресвртница, во годината кога ја создал „Боемската рапсодија“ – по седум години врска престанал да живее заедно со Мери Остин, на која подоцна ѝ ја посветил песната „Love of My Life“, и првпат стапил во романтична врска со маж.
По појавувањето, музичките критичари песната ја нарекле „нумера што се случува само еднаш во животот“. „Боемска рапсодија“ ги освоила светските листи, заземајќи го првото место во Англија, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Холандија и во Белгија.
Оригинална, единствена и дефинитивно, од звучен аспект, сосема поинаква од која било друга рок-песна, „Боемската рапсодија“ и денес е една од омилените на сите генерации.
Својот култен статус го достигнала кога 65.000 фанови во еден глас ја испеале од почеток до крај, а тоа се случило на концертот на бендот „Грин деј“ во Хајд парк во Лондон.
Уживајте во оригиналната верзија на „
Боемската рапсодија“: