X
 02.12.2018 Култура

„Квин“ во Југославија, Фреди пријатно изненаден од продажбата на плочи

Февруари 1979: Во ситуација на јалова концертна рок сцена (каква што е барем белградската) интервју со некоја од познатите светски рок ѕвезди е посебен настан. Па сепак, иако човек не е во ситуација да бира и зад себе нема искуство со Џегер, Ленон или Дилан, тие разговори понекогаш се сведуваат на обично рутинско разменување на прашањата и одговорите... Љубезен јас, љубезен прашуваниот... Се смешкам јас, се смешка прашуваниот. Поставувам прашање, одговорот го знам однапред.

Рака на срце, токму таков беше разговорот со првиот човек на групата „Квин“.

Прес-конференцијата е одржана во „Интерконтинентал“. По кратко чекање (ѕвездите секогаш доцнат), се појавија членовите на бендот, облечени како службеници во некое англиско друштво за обезбедување на годишен одмор.

По првите моменти на недоумица кон нив тргнаа разни момци кои мене ми беа непознати по лице и професија. Секако дека главна жртва беше Меркјури. Да ви кажам право, не очекував толку луѓе со магнетофони, бележници и слични помагала. Само не ми е јасно каде ќе можат да го пласираат сето тоа бидејќи сѐ уште никаде не сум видел резултати од тој новинарски атак, освен во „Полет“ и тоа од интервју направено во друга прилика.

Можеби е и подобро тоа никаде да не биде објавено бидејќи за кратко време слушнав толку глупости и незнаење што почувствував сожалување за јадниот Фреди. Сега ми е јасно зошто со себе води двајца момци кои во текот на целата прес-конференција беа стратешки распоредени околу влезните врати.

И на крајот, кога гужвата се стиши, зграпчив можност да разговарам со Меркјури.

Не многу висок, црномурест, во кожна јакна и фармерки, повеќе личеше на некој од тапкарошите пред белградските кино сали отколку на светски позната рок ѕвезда. Стоички прифати да даде интервју за „Џубокс“, иако со текот на времето се расположи и стана нешто поисцрпен. Веројатно го гњавев помалку од другите.

По обичај, почнувам од почетокот...

-Тоа е долга приказна. Брајан, Роџер и јас се знаевме уште како студенти. Џон дојде подоцна. Имавме искуство со претходни состави каде свиревме уште како ученици во средни училишта. Кога ја создадовме „Квин“ имавме јасна идеја што сакаме да правиме и нашата денешна работа е еволуција на тие планови и соништа. Имавме многу јасна ѕвезда водилка. Од самиот почеток.

Се гледа ли уште јасно таа ѕвезда водилка после сите овие успеси и милиони продадени плочи?

-Зошто да не. Салите каде свириме секогаш се полни, плочите се на топ листите. Зошто да не?

Според написите кои ги читаме за вас не би можело да се каже дека критичарите многу ве сакаат. Како изгледа да се биде во една од водечките светски рок-групи, а истовремено да се чита како плочите немилосрдно се оцрнуваат?

-Тоа е случај само со англискиот печат. Не би можело да се каже дека живееме во најдобри односи со нив. На Англичаните денес не им остана ништо друго освен да бидат цинични, па затоа печатот ни е таков. Поради тоа ретко може да се прочита наше интервју во „Њу Мјузикал Експириенс“ или „Мелоди Мејкер“. Нема смисла да им бидеме полигон за изживување. Научивме да живееме со тоа и, знаете, не ми е многу гајле за тоа. Нашите плочи добро се продаваат. Во текот на последната година се случи и големо нешто со панкот, а ние сме сфатени како тотална спротивност на тоа.

Една од главните замерки е зависноста од технологијата. Вашите плочи се до перфекција раскошно продуцирани...

-Денес не можеш да опстанеш без технологија. Електрицитетот е насекаде околу нас и не можеш да го избегнеш. Продукцијата на нашите плочи е богата, но мислам дека не е цел, како што многумина сакаат да ја претстават. Јас свирам на обичен клавир, Џон на обичен „Фендер бас“, единствено Брајан има посебни нешта кои сам ги прави, но ни тоа не е претерано. Најважно е дека сѐ е во служба на идејата.

Сите сте универзитетски образовани. Сметаш ли дека тоа имало влијание на ваквата насока на групата? Забележав дека во англиските медиуми има предрасуди за таквите групи, поточно за групите кои потекнуваат од такви средини, почнувајќи од „Џенезис“ па натаму.

-Како прво, ние немаме многу врска со „Џенезис“, затоа таквите предрасуди се најобична глупост. Не гледам никаква цел во нив. Не знам дури дека тоа што сме биле на универзитет автоматски нѐ прави интелектуалци!

Може ли да се очекуваат некои значајни промени во вашиот звук и насоката на следните плочи? Има многу критики дека сте упаднале во одреден манир...

-Пак ти за критичарите... за нив најмалку се грижиме! Ние создадовме одреден звук, успех, имиџ и тоа е она што сме. Логично е групата полека да еволуира... Би било глупаво да се обидуваме да правиме нешто радикално поинакво... А тоа е она што го очекуваат „пискаралата“ за да имаат со што да ги наполнат весниците. Драстичните промени не водат никаде и немаат смисла. Не можеш преку ноќ да станеш нешто друго. Нормално дека ќе се менуваме. Кој досега ја следел нашата работа, јасно му е во кој правец. Тоа е очигледно од нашите последни албуми. Нема веќе толку многу раскош како во „Операта“ или „Трките“... Мислам дека нашите следни албуми ќе се развиваат во тој правец.



За групата „Квин“ владее мислење како за многу стабилна формација. Не се слушнало за некои остри несогласувања, а само тапанарот имаше соло излет. Треба ли да се очекуваат нови соло проекти и претставуваат ли тие опасност по групата?

-Иако Роџер има прилично големо искуство со соло обидите, во тоа не гледам никаква опасност по групата „Квин“. Мислам дека она што најдобро можеме да го пружиме, го пружаме заедно. Соло обидите се само мала промена на климата и освежување. Нема особена потреба да ја испробуваме среќата надвор од составот. Кога ќе увидиме дека немаме каде да одиме понатаму, групата ќе се распушти - нема никакви илузии дека нема да дојде до тоа и ние не ни размислуваме за тоа.

Имаш ли некаква претстава за вашата публика во Југославија и дали нешто ви значи финансиски продажбата на нашиот, сепак, мал пазар?

-Па, слушнав од луѓе во нашата компанија дека продаваме доста плочи. Ги гледаш ли овие златни и сребрени плочи што ги добивме овде? Исто така, важно ни е нашата музика да се слуша насекаде по светот, сите да ја слушаат, затоа и толку настапуваме. Човек не треба да биде блазиран. Не ни е важно само да бидеме популарни во Англија, Америка и Јапонија... Луѓето секаде се исти и сакаме да им свириме. Ова сепак е само рокенрол.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура