X
 25.05.2022 Живот

Руската Дума ќе ги овласти обвинителите да затвораат дописништва на странски медиуми

Рускиот парламент (Дума) вчера го усвои законот со кој обвинителите се овластуваат да затвораат странски медиуми во Москва, доколку се медиуми што доаѓаат од земја која била „непријателска“ кон руските медиуми, откако на некои руски државни медиуми им беше забрането да работат во земјите од Западот.

Предлог-законот, усвоен во прво читање од Думата, исто така забранува дистрибуција на написи или друг медиумски материјал што бил запленет од обвинителството.

Законот треба да помине уште две читања и треба да биде одобрен од Горниот дом на парламентот и потпишан од претседателот Владимир Путин.

- Во актуелната геополитичка ситуација медиумите станаа инструмент за влијание врз информациската состојба во општеството - велат пратениците во образложението на законот.

Законот беше предложен од влијателни луѓе, меѓу кои и Андреј Луговој, кој беше обвинет во отсуство од британските обвинители во 2006 година за труење на поранешниот руски шпион Александар Литвиненко. Луговој, поранешен член на КГБ, ги негира обвинувањата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров постојано го критикуваше Западот поради забраната за емитување на руските државни медиуми „Спутник“ и „Раша тудеј“.

Владимир Путин во март го потпиша законот со кој се изрекуваат затворски казни до 15 години за лица кои намерно шират „лажни“ информации за руските вооружени сили.

Како резултат на тоа, некои западни медиуми ги повлекоа своите новинари од Русија, но некои, вклучително и „Ројтерс“, останаа во земјата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот