X
 25.06.2018 Живот

Грција си најде нов проблем

Иако консументите на вино во странство, според етикетата на виното што го купиле, може да мислат дека е грчко, тоа всушност може да е турско, американско, македонско или бугарско, па грчката држава одлучи итно да ги земе нештата во свои раце.

Сѐ повеќе и повеќе странски вина имаат етикети што алудираат на Грција, а целта е, се разбира, да се доведат во заблуда потрошувачите во странство кои кога ќе видат име како „Egeo“ или „Georgos Santorini“, мислат дека купуваат грчко вино, пишуваат грчките медиуми.

Здружението на грчки производители на вино најде слични случаи и во Полска и во Германија.

Виното „Egeo“ од сортата на грозје малбек и виното „Egeo“ од сортата каберне совињон и мерло се произведуваат и се полнат во Турција, а виното „Georgos Santorini“ го прави грчки иселеник, како што тврди тој, од грозје од грчка лоза што расте во САД.

Грчките медиуми како вина што алудираат на грчко потекло ги наведуваат и оние со етикета „Alexander the Great“, погрешно тврдејќи дека се произведуваат во Македонија, бидејќи тие имиња ги носат меѓусебно конкурентските вина од Израел и од Бугарија.

Бугарија, како што пренесуваат грчките медиуми, произведува вино „Ancient Thrace“ (античка Тракија), што, според грчките винарници и медиуми, исто така алудира на Грција, поради нејзината североисточната провинција нареченa Тракија.



Поради голем број вакви случаи, Здружението на производители на вино побара средба со министерствата за надворешни работи и развој на земјоделството на Грција.

Така, оваа недела беше одлучено до сите грчки амбасади во светот да се испрати итен „циркулар“, со цел до крајот на јуни да се идентификуваат и да се пријават етикети на вино од трети земји што личат на грчките вина. Кога ќе пристигнат извештаите на амбасадите, грчките вина ќе бидат заштитени со правни средства, се вели во соопштението.

За вината од грчки сорти на грозје регистрирани во ЕУ постојат правни средства на Унијата, додека за таквите вина во САД, релевантен е само меѓудржавен договор.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот