X
 25.06.2024 Живот

Драматично предупредување: Ова е почеток на крајот на летувањето на Медитеранот

Угледниот британски портал „Телеграф“ наведува дека сите знаци укажуваат на фактот оти до крајот на овој век популарноста на Медитеранот како атрактивна дестинација за летен одмор ќе опадне.

Како главна причина за тоа „Телеграф“ ги наведува екстремните горештини и топлотните бранови кои стануваат норма во овој дел од Европа, а климата може да го направи овој предел непријатен за соодветен одмор.

Ова веќе се случува. Грција сега го доживеа својот прв топлотен бран. Во Каталонија уште околу Велигден имаше предупредувања за рационално консумирање на водата поради рекордната суша. Во 2021 година Сицилија бележеше температури од над 48 степени, а сега еден објект во Сицилија ги одвраќа гостите поради недостиг на вода. Некои луѓе тврдат дека Европа отсекогаш доживувала вакви сезонски топлотни бранови, што е точно. Но, порано не биле толку жешки или толку чести. Службата за климатски промени „Коперник“ наведува дека десетте најтопли години се забележани од 2000 година.

Нè очекуваат нови температурни рекорди

Климатските промени се глобален проблем, за кој научната заедница се согласува дека е влошен од прекумерното човечко загадување уште од Индустриската револуција. Според сите пресметки, работите би можеле да станат уште пожешки.

Питер Стот, поранешен шеф на Метеоролошката канцеларија, уште во 2021 година предвидел дека температурите во Медитеранот наскоро би можеле да надминат 50 степени.

Зголемувањето на температурите прво ќе ги погоди оние во Јужна Европа. Стапката на смртност поврзана со топлина во Европа е зголемена за 30 проценти од 2003-2012 година до 2013-2022 година, според извештајот на „Лансет“.

Подолгите, потопли и суви лета предизвикуваат и суши, кои пак влијаат врз земјоделството и производството на храна, ја оштетуваат инфраструктурата и ги уништуваат живеалиштата. Средоземното Море се затоплува побрзо од глобалниот просек, а се предвидува дека до 2100 година ќе порасне и до еден метар.

Зависност од туризмот


Британскиот портал пишува дека земајќи ги предвид сите овие фактори, не е тривијално да размислувате каде ќе одите на одмор во 2043 година. Туризмот е исклучително важен за медитеранските земји – тој сочинува 18 отсто од БДП во Грција, 12 отсто во Шпанија и 10,5 отсто во Италија. Владите на овие земји веќе размислуваат што ќе значат климатските промени за нивните економии.

И додека Медитеранот се затоплува, одморалиштата низ Алпите имаат помалку снег во последните зими, па многумина почнале да се свртуваат кон модел на летен туризам. Ова значи повеќе велнес-опции, повеќе туризам за гледање ѕвезди, повеќе културни фестивали и така натаму.

Друга последица ќе биде продолжувањето на сезоната, а празникот Велигден и средината на мај и октомври ќе станат сè попопуларни периоди за одмор, поради што некои компании веќе ги приспособуваат календарите.

Во моментов, Медитеранот е една од најпосакуваните летни дестинации, но поради зголемените температури, евакуациите поради пожарите и другите последици од затоплувањето, туристите неминовно ќе почнат да бараат друго место за годишен одмор.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот