X
 25.07.2018 Живот

Аеродромите укинуваат правило што ги излудува патниците

Ригорозните правила за тоа што можеме да внесеме како рачен багаж во авион би можеле да станат минато ако новововедената практика на лондонски „Хитроу“ се покаже како добра.

Правилата што се однесуваат на ограничување на количината на течности, аеросоли и гелови во рачниот багаж почнаа да важат од 10 август 2006 година, кога британските власти открија „течна бомба“. Тогаш терористите имаа намера во боци да внесат состојки и на летот да направат бомба со која би го разнеле леталото. Поради тоа, настапи целосна забрана за внесување течности во авионите во Велика Британија, што доведе до застој и откажување на повеќе илјади летови.

Три месеци подоцна правилата беа изменети и проширени на аеродромите низ светот. Оттогаш постои правило дека течност можете да внесете само во пакувања од по 100 милилитри, кои се наоѓаат во пластична кеса со големина 20х20 сантиметри и дозволено е да се внесе само еден таков пакет. Не можете да внесете ни кремови, џемови, мед, па дури ни сирење, бидејќи сето тоа спаѓа во „течности“.

Фото: Pixabay

Таквата практика, според мислењето на Европската комисија, требало да биде укината во моментот кога беше откриена технологијата што пронаоѓа експлозивни честички во течностите. Со тоа се согласува и Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај, која смета дека денешниот модел не е долгорочно одржлив.

Таа практика би можела да биде укината ако CT-скенерите се покажат како добри во пронаоѓањето експлозивни честички во течностите на „Хитроу“, еден од најголемите аеродроми на светот, низ кој годишно минуваат по 70 милиони патници.

Идејата е во следните месеци да се врши вообичаена контрола паралелно со СТ-скенерот, а ако се покаже како добра, тогаш „Хитроу“ ќе ја укине забраната, а примерот најверојатно ќе го следат и другите аеродроми.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот