X
 25.07.2019 Култура

„Нетфликс“ ќе снима мини-серија во Македонија

Американската компанија „Нетфликс“ во октомври годинава прв пат ќе дојде во земјава за да го снима првиот дел од новата играна серија наречена „Во вечерта“, соопштија на прес-конференција нашата Агенцијата за филм и продукцијата „Сестри и брат Митевски“ .
Серијата ќе се снима на скопскиот аеродром. Главниот продуцент е белгиската компанија „Ентре Шиен е Лу“, раководена од европскиот продуцент Себастиен Делои.

Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм, истакна дека сите кои се занимаат со филмска продукција знаат колку е тешко една компанија како „Нетфликс“ да дојде во една држава за да снима филм.

– „Нетфликс“ е многу голем, многу моќен, има светска мапа каде ги става знаменцата од местата што ги има посетено. Прв пат годинава знаменцето на нашата земја ќе биде ставено на нивната мапа. Пред да се одлучи да престојува во една држава, компанијата прави анализа каква е стабилноста на таа држава и како работи нивната Агенција за филм - рече Тозија.

Според него, препознавање на квалитетни проекти за соработка и грижата за правилното претставување на нашата кинематографија и капацитет за реализација на успешни проекти се доказ за сериозен пристап на работата на Агенцијата за филм. Продуцентката Лабина Митевска истакна дека од економско и културолошко значење е еден филм да се работи токму во нашата држава.

Фото: МИА

– Мини-серијата „Во ноќта“ е составена од осум епизоди. Речиси целата првата епизода ќе се снима во нашата држава. На почетокот на октомври ќе пристигне половина од екипата. Ќе дојдат со приватен авион. Оваа огромна продукција е фантастична и значајно е што ќе можеме да искусиме нешто ново и поразлично - рече Митевска.

Вториот филм што, исто така, ќе се снима во нашата држава е „Сирена во Париз“.

– Филмот „Сирена во Париз“ е француско-белгиска копродукција, комплетно дистрибуиран од „Сони пикчрс“. Се работи за филм на белгиски копродуцент кој лани тука снимаше филм. Снимањето на филмот ќе започне на 30 август годинава, една недела во Битола, а потоа во Скопје. Успехот на македонскиот филм последнава година е фантастичен. Покажуваме дека сме квалитетна продукција и можеме да доведеме квалитетни филмски работници - рече Митевска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура