Новата индиска претседателка Дроупади Мурму, која доаѓа од маргинализирана племенска заедница, денеска положи заклетва и истакна дека нејзиниот избор е „достигнување за секое сиромашно лице во земјата“.
Изборот на Мурму се смета како важен гест на добра волја на премиерот Нарендра Моди за заедниците што сочинуваат над 8 отсто од населението во Индија од 1,4 милијарда луѓе.
Мурму, поранешна наставничка и државна министерка од партијата на Моди, БЈП, е втора жена што стана претседателка на Индија. Таа е родена во сиромашно семејство во племето Сантал, во Одиша.
Минатата недела членови на Парламентот и претставници на индиски држави ја избраа Мурму за претседателка. Таа треба да остане на највисоката државна позиција наредните пет години.
- Мојот избор е доказ дека сиромашните во Индија може да имаат соништа и да ги остварат - нагласи Мурму.
Изборот на Мурму, Моди го опиша како пресвртница за Индија, „особено за сиромашните, маргинализираните и угнетените“.
Претседателот на Индија е врховен командант на војската, но премиерот ја има извршната власт во земјата.
Извор:МИА