X
 23.04.2024 Живот

Широка колку 40 стадиони, висока 65 метри - Се запали една од најголемите депонии во светот

Една од најголемите депонии со отпадоци во Индија е запалена, а продолжила да гори и по речиси 24 часа исфрлајќи отровни состојки во воздухот, во густо населена област во предградието на главниот град Делхи.

Депонијата Газипур, која зафаќа површина поголема од 40 фудбалски игралишта и се издигнува до 65 метри височина, се запалила во неделата вечерта поради високите температури во регионот. Пожарот горел и во понеделникот и најмалку шест противпожарни екипи се упатиле на местото во обид да го изгаснат.

Не е невообичаено депонијата да се запали и тоа да трае со денови, особено за време на топлотните бранови во Индија. Депонијата последен пат горела за време на смртоносниот топлотен бран во 2022 година. Во 2018 година дел од купот со отпадоци се урнал, при што загинале две лица.

Сега дебел отровен чад ја прекрил областа преполна со станбени и деловни згради, а жителите се жалат на проблеми со дишењето.

- Не можеме да ги држиме очите отворени поради иритација и имаме тешкотии со дишењето - изјавил Рам Кумар, жител на блиското село Гароли.

Харџит Синг, глобален директор на Меѓународниот договор за неширење на фосилното гориво и климатски активист, кој живее блиску до депонијата, рекол дека повторените пожари на локацијата се доказ дека градовите во Индија се распаѓаат под тежината на сопствениот отпад.

- Неодамнешниот пожар во депонијата Газипур во Делхи е доказ за тоа како нашиот развоен модел тргна катастрофално наопаку. Оваа токсична „планина“, изградена од децениски неконтролиран урбан отпад, не само што го задушува нашето небо туку и испушта метан - моќен забрзувач на климатските промени - во нашата атмосфера - изјавил тој.

Вдишувањето токсичен чад од депонијата може да предизвика сериозни здравствени проблеми, велат експертите.

- Вдишувањето чад од пожарите на депониите може да предизвика непосредна иритација на респираторниот тракт, што доведува до симптоми како што се кашлање и отежнато дишење - изјавил д-р Шивакумар К, постар консултант пулмолог во клиниката „Брдс“.

Депонијата била отворена во 1894 година и го достигнала својот капацитет во 2002 година. Но, таа сè уште расте, со речиси 2.000 тони ѓубре дневно и се очекува наскоро да стане повисока од Таџ Махал. Индиските градови генерираат 62 милиони тони отпад секоја година, а сегашните проекции велат дека тоа ќе се зголеми на 165 милиони до 2030 година.

Извор: independent.co.uk

Фото: Platform X

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот