X
 10.04.2021 Живот

Индиец со помош на вкрстување добил дрво што раѓа 300 различни плодови

Едно манго што расте во близина на Лакнау, град во Индија, е едно од најнеобичните дрвја во светот. Неговата огромна крошна е доволна за под неа да седнат 15 луѓе, а неговите гранки се тешки од плодовите. Но, текстурата на листовите на секоја гранка е различна. Некои се светлозелени, а некои се темни. Плодовите на секоја гранка исто така се различни. Некои се кружни, некои во облик на бубрег, некои се зелени, а има и портокалови, розови и виолетови. Тоа е затоа што на дрвото растат над 300 различни плодови.

Дрвото е креација на 80-годишниот Калимула Кан. Тој одгледува манго во Малихабад. Индија е најголемиот произведувач на манго во светот, произведувајќи над 40% од глобалната понуда, а во земјата се одгледуваат над 1.000 видови манго.

Кан бил интригиран кога видел вкрстени рози во градина на неговиот пријател како тинејџер и се запрашал дали едно дрво може да произведува различни овошни плодови. Тој имал 17 години кога вкрстил седум вида манго во едно дрво, но дрвото било уништено од поплава.


Со текот на времето, тој станал експерт за вкрстување гранки од различни дрвја на едно хибридно дрво, а во 1987 започнал да го прави тоа на 100-годишно дрво што раѓало манго. Тој собрал примероци од целата земја и ги вкрстил на дрвото. Кан вели дека денес дрвото раѓа над 300 вида манго. Кан и неговото семејство не ги продаваат плодовите од дрвото, туку секој што ќе го посети може да си земе.
- Исто како што две деца од исти родители се различни во нивните одлики и квалитети, така и плодовите од манго што 'ртат од исто семе може да бидат сосема различни - изјавил Кан за „Атлас обскура“.


Фото: Принтскрин/Youtube

Во меѓувреме, Кан создава нови видови манго експериментирајќи со вкусот и текстурата, но и со имињата. Тој именувал нови видови манго по премиерот на Индија, Нарендра Моди, и боливудскиот актер Ајшварија Раи. Неодамна именувал два нови вида манго - „доктор аам“ и „полис аам“, во знак на благодарност на лекарите и полицијата за време на пандемијата.

- Сакам да живеам и по мојата смрт преку мангото што го одгледувам. Се надевам дека луѓето ќе ги јадат плодовите од мојот труд и ќе имаат корист на некој начин. Тоа е убавината на природата. Продолжува да дава - вели Кан.

Автор: Калпана Сандер
Извор: atlasobscura.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот