Три многу силни жени (мојата мајка, мојата баба и Мелинда) имаат голема заслуга поради она што јас денес сум како човек. Но Бланш Кафеаир, доста љубезна библиотекарка и наставничка исто така имаше огромно влијание врз мене и мојот живот.
Г-ѓа Кафеаир почина во 2006 година, кратко време после нејзиниот 100-ти роденден. Пред да го напушти овој свет, имав можност да ѝ се заблагодарам за важната улога која ја имаше во мојот живот, како и за страста за учење која таа ја предизвика кај мене кога јас лесно можев да бидам избркан од училиште.
Кога за прв пат ја сретнав г-ѓа Кафеаир, таа беше елегантна и посветена училишна библиотекарка во основното училиште Вју Риџ во Сиетл, а јас бев срамежлив ученик во четврто одделение. Очајно се обидував да поминам незабележан, бидејќи имав големи недостатоци, како што беше мојот ужасен ракопис (научниците ова го нарекуваат дисграфија) и ужасно несредена клупа. Се обидував да го сокријам фактот дека сакав да читам - нешто што беше одлична карактеристика за девојчињата, но не и за момчињата.
Г-ѓа Кафеаир ме зеде под своја закрила и ми помогна да сфатам дека е во ред да бидам неуредно, момче бубалица кое чита многу книги. Таа ме извлече од мојот оклоп споделувајќи ја нејзината љубов кон книгата. Започна со прашања како: „Што сакаш да читаш?“ и „За што си заинтересиран?“. Потоа ми пронајде многу книги - оние кои беа посложени и попредизвикувачки од научните фантастики на Том Свифт Џуниор што ги читав во тоа време. На пример, таа ми даде одлични биографии кои таа ги читаше. Откако ќе ги прочитав, таа секогаш издвојуваше време да дискутира за тоа што го читав. „Ти се допадна?“ секогаш ме прашуваше таа. „Зошто ти се допадна? Што научи од книгата?“. Таа навистина слушаше што имам да кажам. Токму преку овие разговори за книгите во библиотеката и во училницата ние станавме добри пријатели.
Наставниците генерално не сакаат да ги оптоваруваат своите ученици со екстра читање надвор од она што им е дадено според програмата. Меѓутоа од г-ѓа Кафеаир научив дека моите наставници имаат толку многу знаење кое можат да го споделат со нас. Потребно е само ние учениците да побараме. Со ова на ум, и во средно училиште и понатаму, често пати ги прашував моите професори за тоа кои книги тие ги сакаа; ги читав овие книги и им го нудев моето мислење.
Гледајќи назад, не постои сомнеж дека времето поминато со г-ѓа Кафеаир го предизвика мојот интерес за библиотеката како и мојот фокус да му помогнам на секое дете во Америка да добие некаква придобивка од одличните наставници. Потребно е почесто да давам заслуга на посветената библиотекарка и наставничка која ми помогна да ги пронајдам моите предности кога имав само 9 години. Зачудувачки е колку моќ може да има една личност во обликувањето на животот на едно дете.