Винка Саздова на македонската јавност и е позната како основач и главен уредник на издавачкиот центар ТРИ, но и како најчитан автор во последниве години.
Нејзините три книги изобилуваат со преубави мисли кои просто течат низ целата содржина, читателот ги голта зборовите, ненаситно вретејќи ги страниците со глад за преубавиот јазик на авторката.
Второто дело на Саздова, „Полиња со диви нарциси“ е исполенето со мудрости и маестрално склопени реченици, па еве дел од она што ја храни душата на читателот, токму од ова дело:
„Никогаш не легнувај право в постела. Остави го денот да се распрсне, па слегни во тишината на ноќта. Убаво одмори си ја душата и дури потоа легни. Сонот сака одморени души.“
„Некогаш болката ја покрива сета љубов во тебе, онака како што црниот облак го прекрива сонцето. Чудно е тоа дека кога љубиш го љубиш сиот свет, го чувствуваш близок, свој, а кога страдаш се оддалечуваш од се. Дури и од оние кои немаат удел во твоето страдање.“
„Чувствата се мера на времето.“
„Понекогаш најдобрата помош е воопшто да не помагаш.“
„Засакај се себе и ќе го засакаш сиот свет. Помогни ми на другиот и си се спасил себе.“
„Долг е заборавот ако со некого не си го завршил разговорот.“
„Заборавањето е обратно пропорционално на желбите.“
„Зборовите мора да ги извадиш од себе, ако не го сториш тоа ќе те исполнат со застојани мириси, со мувла, со тага.“
„Искажаните зборови се како ветар. Него не можеш да го заробиш. Можеш само да го пуштиш да дува, да корне, да свири, да игра и да дивее. И откако ќе мине се прашуваш дали постоел, освен се разбира ако остави зад себе пустош. Но пишаниот збор е како морето. Преполн со изненадувања и нови длабочини. Само што мислиш си го допрел дното, ново дно се отвара пред тебе.“
„Никој не може да ти биде толку далечен, колку оној што некогаш ти бил многу близок.“
„Не плачеме од болката. Плачеме од неприфаќањето на сопствените одлуки кои ги нарекуваме судбина“
„Минатото е толкување, затоа е променливо.“
„Со туѓи гревови не се мие сопствената душа.“
„Љубовта привлекува љубов.“
„Само љубовта умее да го затвори кругот“
„Во младоста си свртен нанадвор, место навнатре“
„Навидум бегаме од болката, а длабоко во себе како да ја посакуваме.“
„Не живееш денес, чекајќи го утре.“
„Утрото е предавник на ноќта.“
„Под налетот на светлината, соништата исчезнуваат, онака како што маглата испарува на сонце“