X
 25.10.2021 Живот

Автомобилот што ја моторизира Југославија, но не се спаси

Неодамна беше одбележана 66-годишнината од почетокот на производството на легендарното „фичо“, чие официјално име е „фиат 600“, кое стартува на 18 октомври далечната 1955 година во погонот на Стара приколка при некогашниот воено-технички завод во Крагуевац (по Втората светска војна преименуван во „Заводи Црвена застава“). Претходно, во 1954 година била купена лиценцата од „Фиат“, на што во 1953 година му претходело изјаснување на работниците од „Заводи“ во Крагуевац за почетокот на производството на патничките возила во тој град.

Поради резолуцијата на Информбирото од Крагуевац на почетокот на 50-тите години од минатиот век во Босна и други делови од Југославија било преместено производството на артилериско оружје и околу 5.000 работници од Крагуевац останале без работа. На иницијатива на тогашниот висок партиски функционер, родум од Шумадија, Мијалко Тодоровиќ, во „Заводи Црвена застава“ се родила идејата за производство на автомобили наместо топови. По тој повод во „Заводи“ од железницата бил доведен инженерот Првослав Раковиќ, благодарение на што заживеала иницијативата за производство на автомобили и покрај силното спротивставување од раководствата на Словенија и на Хрватска, но и делови од војската и сојузното раководство. Така, во 1955 година во Крагуевац биле склопени првите илјада автомобили „фичо“. „Фиат 700“ со појака кубикажа подоцна бил преименуван во „застава 750“. Работниците импровизирале монтажна лента и го туркале автомобилот од точка А до точка Б и В.



Производството на „фичото“ во Крагуевац траело до ноември 1985 година. За над 30 години од погонот излегле речиси милион, поточно околу 923 илјади автомобили од тој модел. „Застава“ со децении произведувала и составувала и голем број други модели (тристач, југо, стокец, лада, пегличка...), но „фичото“ останало најпопуларно. Тоа ја моторизирало Југославија, со него почнал забрзаниот индустриски развој на Шумадија, Србија и Југославија и значително придонело за повоената интеграција на земјата. Запирањето на производството на овој автомобил во Крагуевац симболично го означи и почетокот на распадот на државата.

Раководството на „Заводи Црвена застава“ имало и премолчена поддршка од Јосип Броз Тито за производство на патнички возила во Крагуевац, а според сведочењата на Раковиќ, Тито инсистирал производството да биде со југословенски концепт. Така, „Застава“ низ цела Југославија имала погони, кооперанти, сервисно-продажни и други деловни објекти.



Фабриката за автомобили на „Застава“ била првата филијала на „Фиат“ во некоја од социјалистичките земји. „Фиат“ го дал и првиот кредит за изградба на нови фабрики од 30 милиони долари. Експертите од „Фиа“ учествувале и во изградбата на фабрика во близина на Крагуевац, која на почетокот на 70-тите години имала капацитет за производство на 200.000 возила годишно.

Од средината на 80-тите години до распадот на земјата „Застава“ извезла во Америка повеќе од 142.000 автомобили. Со распадот на Југославија пропаднала и автомобилската индустрија. Клучна улога во тоа одиграл и српскиот член на Претседателството на СФРЈ, Борисав Јовиќ, кој заедно со Раковиќ учествувал во создавањето на индустријата во Крагуевац. Тој никогаш не им се извинил на работниците во Шумадија за тоа.

Автор: Зоран Радовановиќ
Извор: pescanik.net
Фотографии: Unsplash | Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот