Во последно време се направени многу истражувања за влијанието на роботиката и вештачката интелигенција врз пазарот на трудот, но и врз начинот на извршување на деловните обврски.
За многумина, вештачката интелигенција стана неопходна алатка за пишување е-пошта, добивање важни информации и слично, но потпирањето на автоматизацијата и роботиката се чини дека има друг ефект врз вработените.
Како што покажа едно неодамнешно истражување, роботиката и автоматизацијата, како и вештачката интелигенција, може да ги направат некои вработени помрзеливи. Овој феномен не е нешто невообичаено во корпоративниот свет и се нарекува „социјална мрзливост“. Кога работите во група и со колеги, некои вработени нема да го дадат својот максимум бидејќи знаат дека некој друг може ја сработи работата.
- Тимската работа е мешовито задоволство - објаснува Дитлинд Хелене Цимек, авторка на истражувањето за поврзаноста на човечката работа и автоматизираната технологија. Таа вели дека заедничката работа може да ги мотивира луѓето да работат подобро, но може да доведе и до пад на мотивацијата бидејќи во такви ситуации се губи индивидуалниот придонес. Ако на сето тоа додадете автоматизација, роботи и вештачка интелигенција, се чини дека мотивацијaта и напорот уште повеќе ќе се намалат.
Во ова истражување учествувале 42 луѓе чија задача била еден и пол час да бараат грешки на матична плоча, додека на половина од нив им било кажано дека плочата веќе била прегледана и проверена од роботот „Панда“. Додека двете групи поминале исто време на прегледување на матичните плочи, оние што ги прегледале по роботот откриле помалку грешки и генерално пристапиле кон работата со помалку внимание во споредба со оние што работеле без помош на роботот. Луѓето на кои не им било кажано дека претходно работата ја проверил робот биле потемелни, нашле повеќе грешки и поуспешно и поодговорно ја работеле својата работа.
Иако ова истражување било спроведено под ограничени услови, научниците предупредуваат на многу потенцијални негативни последици од ваквото однесување на вработените, што е особено опасно кога станува збор за безбедноста на вработените на работното место. Во производството конкретно, а особено во ситуации кога безбедноста на работното место е од големо значење, честопати е неопходно двојно да се проверат машините и работните услови. Но, доколку оваа втора проверка е послаба, поради немотивираност на вработените, последиците можат да бидат многу големи и опасни.
Со оглед на тоа што технологијата, т.е. вештачката интелигенција и роботиката ќе преземат сè поголем дел од работните места и луѓето често ќе работат заедно со роботите, јасно е дека ќе треба да се спроведат дополнителни истражувања, како и да се работи на едукација на вработените и објаснување на потенцијалните опасности од нивната неодговорност на работното место.
Извор:
Nypost.com
Фото: Freepik