Вистински научни истражувања се само оние што создаваат доверба, не калкулираат со политичките бенефити и даваат конкретни решенија, смета професорот кој годинава е добитник на наградата за најдобар научник од УКИМ
Проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ годинава ја доби наградата „Најдобар научник во областа на општествените науки“. Oва признание е највисоко во областа на општествените науки, а секоја година го доделува Универзитетот за покажани врвни резултати во научноистражувачката дејност и негова афирмација. Професорот е автор на четири книги од областа на економијата и економската политика, а има објавено повеќе од 120 публикации (индексирани научни трудови, трудови за политики, истражувачки монографии). Учествувaл во над 80 проекти во земјата и во регионот, а член е и на многубројни стручни тела, здруженија, реформски и советодавни работни групи. Во ова интервју за Факултети.мк зборува за неговата работа, за истражувањата и за тоа што е потребно да направи државата во однос на науката.
Што значи за Вас оваа исклучителна важна награда?
- Самата информација дека станува збор за определено признание добиено од најголемиот и најстариот универзитет во земјата, кој е лидер во научната мисла во нашата држава, доволно кажува за релевантноста на научноистражувачки резултати, како и за одговорноста што со себе ја носи ова признание. Ваквото признание е еден вид попатна станица во научноистражувачките активности кои веќе 15 години се водилка во мојот секојдневен академски, професионален и приватен живот. Истражувачката ерудиција е незапирлив процес кој континуирано ве тера секој општествен процес/информација/податок критички да го опсервирате, да ги анализирате трендовите, постапките, политиките и мерките, да елаборирате, пишувате и да го презентирате она што сте го сработиле. Оваа награда е потврда дека моите научноистражувачки активности се во вистинска насока и носи со себе одговорност овој тренд да продолжи, да се засилува афирмирајќи ги универзитетот и државата, и подобрувајќи ја економската околина во која живееме.
Дали доволно се истражува во нашата земја и дали постојат области во кои е потребно да се истражува?
- Научноистражувачката и образовната дејност е особено благороден процес кој носи со себе огромен товар на одговорност. Истражувањата, особено во општествените науки, се особено интересни имајќи предвид дека, од една страна, овие процеси ја опфаќаат суштината на меѓусебните односи (во нашиот случај – економските) помеѓу граѓаните/економските субјекти, а, од друга страна, е многу тешко овие процеси точно да се квантифицираат/истражат или егзактно да се утврдат причините за нивната динамика и трендови на движење. Во нашата држава има двe тенденции во контекст на ова прашање - првата, дека сѐ уште постојат огромен број (пред сѐ во економската сфера) економски области кои не се истражувани, анализирани или тоа е направено ограничено/минимално; втората тенденција е значајно занемарување на резултатите од реализираните научноистражувачки активности од страна на државата, особено при креирање на политиките, мерките и стратегиите.
Дали истражувањата што се прават во нашата земја наоѓаат примена?
- Особено е важно да се напомене дека истражувањата, т.е. науката не е цел сама за себе, таа ги црпи своите цели од реалниот живот и треба да понуди резултати кои ќе разјаснат определени дилеми/проблеми или ќе понудат определени решенија и насоки. Денес, во услови на пандемија, се покажа дека истражувањата се попотребни од кога било во креирањето на здравствените (и економските) политики - се покажа дека вистински научни истражувања се само оние што создаваат доверба, не калкулираат со политичките бенефити, даваат конкретни решенија. Дел од истражувањата на кои работам со моите колеги имаат значајна примена во креирањето на клучните економски политики во нашата земја. а пред сѐ во: креирањето оптимална економска политика во услови на криза, зголемувањето на ефикасноста на државата и употребувањето на јавните ресурси, управувањето со јавниот долг и минимизирање на последиците од него, зголемување на финансиската отчетност, утврдување на ефикасноста на конкретни економски мерки и политики кои се преземаат од различни институции (треба да се преземаат) итн. Се разбира, примената на резултатите од овие истражувања не зависи само од релевантноста на истражувањата, во значаен дел тоа е поврзано со волјата на креаторите на политиките, идеолошките определби, интересите, политичкиот прагматизам и плановите на различни засегнати страни.
Што може да направи државата за да ги поттикне истражувањата и работата на научниците/истражувачите?
- Истражувањата се неразделни од иновациите, новите пристапи, растот и развојот на една земја. Развојот на човечкиот капитал за кој се залагаат државните институции не е доминантно поврзан со зголемување на платите и убавите канцеларии, туку е поврзан со знаењето/образованието, капацитетите за истражување, претприемачките инцијативи, иновативноста, продуктивноста, здравјето на работната силa итн. Оттука државата може да направи две клучни работи - прво, да создаде околина и институционална инфраструктура која ќе стимулира истражувања/наука и систем кој ќе ги филтрира клучните субјекти/истражувачи кои ќе го катализираат овој процес; второ, на транспарентен начин да обезбеди и алоцира ресурси (пред сѐ, финансиски) кои се неопходни за реализација на истражувањето и развојот во земјата. Нашата држава има уште многу што да направи во двете претходно споменати области, иако често се спомнуваат определени иницијативи и напори кои се преземаат, сѐ уште се некоординирани, често моментално политички инспирирани, периодични/променливи, делумно имплементирани, неадекватно таргетирани и често финансиски долгорочно неодржливи.
Фото: приватна архива