Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области - природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.
Сликата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, конкретно, може да се претстави низ следниве бројки: во наставно-образовниот процес на сите факултети се вклучени повеќе од 60.000 студенти од Република Македонија во прв и втор циклус на студии, како и повеќе од 700 странски студенти. Третиот циклус - докторски стдуии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на УКИМ, со вкупно 655 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.
Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.
Во вкупната дејност на Универзитетот посебен белег имаат спортските, уметничките, информативните, рекреативните и други активности, организирани во разни друштва, сојузи, клубови и слично.