X
 13.05.2019 Култура

„Светот на Биби од А до Ш“ – најдобро илустрирана книга или сликовница помеѓу два саема

Сликовницата „Светот на Биби од А до Ш“ ја доби наградата за најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саеми, која ја додели Здружението на издавачите и книжарите на Република Македонија. Автор на илустрациите на сликовницата е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а автор на текстот е Билјана Црвенковска.
„Светот на Биби од А до Ш“ е првото печатено издание од проектот „Светот на Биби“ што го издаде „Бибиленд“ во ноември минатата година.
На 32 страници во боја, во тврд повез, сликовницата го прикажува светот на Биби низ работите што сезнајката ги сака и ги прави дома, на улица, на училиште.


Втората награда во оваа категорија ја доби книгата „Илустрирани приказни од Шекспир“ што ја уредила Ана Иванова, а илустрациите се на Ана Григорјев, во издание на „Просветно дело“ од Скопје. Третата награда ја освои „Среќен роденден“ од Ели Маказлиева. Илустратор е Игор Јовчевски, а изданието е на „Едука мак“ од Скопје. 
За наградите во оваа и во другите категории одлучи комисијата во состав: Александар Прокопиев, претседател, Иван Џепароски и Лидија Капушевска-Дракулевска, членови.

За најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми е прогласено „Алшар (Светско природно наследство)“ на авторите Глигор Јовановски, Блажо Боев, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски, Иван Боев, во издание на МАНУ. Втората награда ја доби Влада Урошевиќ за „Безразборна лабораторија“ во издание на „Магор“ од Скопје.
Во категоријата најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саеми наградена е книгата „Поп-глам“ од Златко Глигоров, во издание на „Пагома прес“ од Скопје.
Првата награда „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саеми ја освои „Културен атлас на исламот“ од Исмаил Р. ел Фаруки и Лоис Ламија ел Фаруки, во издание на „Логос-А“ од Скопје, а втората - „Белешки 88-014“ од Тихомир Стојков, во издание на „Авант прес“ од Скопје
За најдобар книжар меѓу двата саеми е прогласена Магдалена Стојмановиќ од издавачката куќа „Икона“ од Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура