X
 25.11.2021 Наука

Украина планира да засади милијарда дрвја во следните 3 години

Украинскиот претседател Владимир Зеленски најавил амбициозен план за садење една милијарда дрвја низ земјата во следните 3 години. Оваа европска држава се надева дека така ќе придонесе за обновување на „белите дробови на планетата“.

Научниците велат дека шумите го намалуваат нивото на јаглероден диоксид, кој ја задржува топлината, во атмосферата. Според планот на претседателот, во Украина ќе се градат и над 10 модерни центри за одгледување дрвја и семиња во следните 3 години.

Меѓутоа, Бохдан Протс, украински експерт за зачувување на природата и биолошката разновидност, тврди дека иницијативата за засадување една милијарда дрвја е нереална.

- Мора да засадат 10 стебла или 200 садници во секунда, така што технички тоа не е возможно - изјавил Протс.


Фото: Pixabay

Украина има површина од над 600.000 квадратни километри, а според експертите, околу 16 отсто од оваа територија се покриени со шума. За борба против климатските промени, потребно е да се покријат уште 3-4 отсто.

Во меѓувреме, климатските промени веќе влијаат врз шумите во Украина на тој начин што ги сушат боровите на украинскиот дел од Карпатите, според шумарите.

Труд од швајцарски научници од 2019 година открил дека најефективен начин за борба против глобалното затоплување е да се засадат најмалку еден билион дрвја во светот. Според трудот, овие нови дрвја би можеле да впијат речиси 830 милијарди тони јаглероден диоксид од атмосферата во следните децении. Тоа е приближно исто количество колку што било емитувано од луѓето во последните 25 години.

Извор: Green
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука