Климатската активистка Грета Тунберг го отвори самитот на Обединетите нации за климата со осуда кон светските лидери кои не успеаја да преземат силни мерки во борбата против климатските промени, бесно обраќај им се со зборовите: - Како се осмелувате!
- Сето тоа е погрешно. Не би требало да сум тука, туку на училиште на другата страна од океанот, но сите вие ни доаѓате нам, на младите, и во нас барате надеж. Како се осмелувате? Ми ги украдовте соништата и моето детство со вашите празни зборови, но јас сум сепак една од среќните. Луѓето страдаат, луѓе умираат, цели екосистеми колабираат - рече Тунберг, видливо емотивна и потресена.
- Се наоѓаме пред масовно исчезнување, а вие зборувате само за пари и кажувате бајки за вечен економски раст - рече 16-годишната активистка, едвај задржувајќи ги солзите во очите.
Главниот секретар на ОН, Антонио Гутерес, ги предупреди шефовите на владите и на државите пред Самитот за климата дека мора да презентираат акциони планови ако сакаат да зборуваат на собирот што треба да даде нов поттик за спроведување на Парискиот договор од 2015 година во борбата против глобалното затоплување.
-
Природата е бесна, а ние се лажеме ако мислиме дека можеме да ја измамиме бидејќи природата секогаш го возвраќа ударот. Низ цел свет природата го возвраќа ударот со лутина - изјави Гутерес.
Според неговите зборови, сè си има своја цена, а најголема цена ќе платиме доколку не преземеме ништо.
- Највисоката цена е субвенционирање на индустријата со фосилни горива, изградба на сè поголем број фабрики за производство на јаглен - додаде тој.
- Сите ги слушнавме повиците за будење од младите - рече германската канцеларка Меркел.
- Германија има 1% од светското население и 2% од емисиите на штетни гасови - додаде таа и го опиша новиот климатски пакет на нејзината влада како почеток на „коренита транзиција“ што ќе ја направи Германија климатски неутрална до 2050 година. Меркел оцени дека климатските промени се глобален проблем и дека индустриските нации се примарен извор на стакленички гасови, додека државите во развој ги трпат штетите од кризата.