Децата што се родени оваа година ќе го живеат животот на многу поинаква планета од генерациите пред нив. Младите генерации ќе живеат со повеќе еколошки катастрофи и поекстремни временски услови поради напредувањето на климатските промени, покажува истражување објавено во списанието „
Сајенс“. Оваа алармантна прогноза само потсетува на итноста да се преземат чекори за контрола на климатските промени.
Научникот Вим Тири, кој е главен автор на истражувањето, изјавил дека штетата веќе била направена и дека секоја нова генерација ќе се соочува со поголеми проблеми од претходните.
- Откриваме дека секој помлад од 40 години денес ќе живее поинаков живот кога станува збор за изложеноста на топлински бранови, суши и поплави. Ова е точно дури и според најконзервативните сценарија - изјавил Тири.
Фото: Pixabay
Тој и неговите колеги пресметале дека децата родени годинава ќе се соочуваат со многу повеќе топлински бранови, двојно повеќе пожари и околу трипати повеќе суши од нивните баби и дедовци.
Истражувачите прогнозираат дека земјите во развој ќе бидат најпогодени, а побогатите држави ќе одбегнат дел од најстрашните промени. Тие ги повикуваат земјите низ светот драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови за да се спречат најголемите влијанија на климатските промени.
Извор:
Futurism