Зора можеби не изгледа премногу добро, повеќе личи на симпатична играчка отколку на футуристичко чудо, но овој робот е главен дел од експеримент во Франција кој би можел да го промени начинот на грижа за постарите пациенти.
Кога Зора стасала во еден дом за стари лица, оддалечен околу еден час од Париз, почнале да се случуваат чудни работи - многу пациенти емотивно се поврзале со неа, ја третирале како бебе, ја држеле, ја бакнувале и ја нишале.
Фото: The New York Times
Зора, која може да чини и до 18.000 долари, нуди друштво на места каде што луѓето се осамени. Фамилиите не можат толку често да ги посетуваат постарите лица, а и нема доволно вработени.
Пациентите во болницата „Жуар“ патат од деменција и други состојби за кои е потребна постојана нега.
Медицинскиот техничар задолжен за роботот Зора го контролира преку лаптоп. Често се крие за пациентите да не сфатат дека тој го контролира роботот. Зора може да разговара, односно да ги изговара зборовите што техничарот ќе ги напише. За некои пациенти Зора е машко, а за некои женско.
Зора често организира вежбање и игри, но не се сите воодушевени од роботот.
Фото: The New York Times
Зора не може да дава лекови, не мери притисок и не менува постелнина. Според сестрата Софи Рифо, многумина во „Жуар“ ја сметаат Зора за површна алатка која само ги занимава пациентите.
Друга сестра, Натали Расин, вели дека не би му дозволила на робот да ги храни пациентите, дури ни кога тој би можел. Смета дека не би требало да им се дозволува на машините да работат толку интимни нешта.
- Ништо не може да го замени човечкиот допир, човечката топлина што им е потребна на нашите пациенти - вели таа.
Од „Зора Ботс“, белгиски провајдер на роботот за „Жуар“, истакнуваат дека продале повеќе од илјада роботи на медицински установи низ светот, вклучувајќи ги и САД, Азија и Блискиот Исток. Роботите се дел од сè поголемото распространување на роботиката во медицинската нега. Овозможувањето роботите да се грижат за луѓето на крајот од нивниот живот можеби изгледа како дистопија, но многумина сметаат дека тоа е неизбежно.
Фото: The New York Times
Во речиси сите земји бројот на старите лица е сè поголем. Бројот на луѓе постари од 60 години до 2050 година ќе се зголеми на 2,1 милијарди, истакнуваат од ОН. Едноставно, нема да има доволно луѓе за работа во здравствената нега. Оттука, некои луѓе тврдат дека ни е потребна нова технологија која ќе го надомести недостигот на луѓе.
Предизвикот ќе биде создавање машини способни за вршење сложени работи. Расположувањето на пациентот со песна не е исто како и да се грижите за него.
Истражувачите во една болница во Австралија што ја користи Зора откриле дека роботот позитивно влијае врз расположението на некои пациенти и дека ги поттикнува да се вклучат во активности, но дека му е потребна прилично голема техничка поддршка.
Фото: The New York Times
Слична реакција има и во француската болница.
Вработените се
изненадени колку пациентите се поврзале со роботот, па дури и станале љубоморни на другите поради времето што го минуваат со Зора.
Пациентите му кажуваат на роботот нешта во врска со своето здравје што не ги откриваат пред лекарите.