X
 26.01.2024 Наша тема

Од Виница до промоција на Тајмс сквер и 31 награда од „Јутјуб“ - музиката на „Кафе де Анатолија“ го освојува светот

Македонската продуцентска и издавачка куќа „Кафе де Анатолија“ (Cafe De Anatolia) постои шест години, а веќе е една од најнаградуваните од Македонија и Европа од страна на „Јутјуб“.

Основана во 2017 година во Истибања, Виница, од страна на Моника Илиева (Monika Ilieva), Никола Илиев (Nickarth a.k.a Rialians On Earth) и Зоран Илиев (Billy Esteban), „Кафе де Анатолија“ продуцира и промовира различни жанрови од електронската музика, како органик хаус, чил аут, афро хаус и дип хаус.

- Татко ми и брат ми веќе продуцираа музика и настапуваа низ Македонија и околните држави и поентата беше да се лиценцира и заштити нивната авторска музика. Целта беше да направиме своја продукциска и издавачка куќа која првенствено требаше да ја издава нивната музика, но брзо прерасна во компанија која застапува над 4.000 артисти од цел свет - истакна Моника Илиева за Факултети.мк.



Идејата за името на продукцијата е поврзана со музиката што ја создаваат и ја пласираат на пазарот.

- Географски Анатолија е дел од Турција, но културолошки Анатолија е центар на многу народи што живееле и поминувале низ оваа територија, почнувајќи од Балканот, Блискиот Исток, па сѐ до Медитеранот. Така што можам да кажам дека Анатолија е центар на многу култури и народи, а нашата музика го потенцира баш тоа – светска етномузика со модерни ритми - вели Илиева.

За овие шест години брендот „Кафе де Анатолија“ се разви во водечка продукциска куќа во овој жанр, која менаџира повеќе од 4.000 артисти-диџеи од целиот свет и располага со најголем ексклузивен лиценциран музички каталог во жанрот органик хаус на светско ниво со над 6.000 музички композиции.

„Кафе де Анатолија“ е еден од основачите на новите музички правци органик хаус, ориентал дип хаус етнохаус и според многу списанија, е дел од основоположниците на тој жанр во светски рамки.




„Кафе де Анатолија“ досега доби 31 награда од „Јутјуб плеј копчиња“ (Youtube Creator Awards/ YouTube Play Buttons), вклучувајќи три златни (за над 1.000.000 претплатници) и 28 сребрени (за над 100,000 претплатници).

Прогласена е за најдобра музичка издавачка куќа во жанрот органик хаус во 2022/23 година, според изборите на Ај-ди-ем, Рејв џангл и Магнетик магазин, водечки списанија во областа на музиката во жанрот хаус.

Коосновачите, Никола Илиев и Моника Илиева, се дел од Бизнис-советот на Форбс по добиената ексклузивна покана од организацијата за најуспешни млади претприемачи и бизнис-лидери од целиот свет за 2022/2023 година. Oваа година присуствуваа на самитите „Форбс под 30“ и „Форбс 30/50“ каде што имаа шанса да се запознаат со работата и животот на холивудските ѕвезди Кендал Џенер, Џесика Алба и славната политичарка Хилари Клинтон.



Продукцијата секојдневно соработува со глобални брендови како „Армани“, „Фор сизонс“, „Радисон блу“, „Го Турки“, но во Македонија не е толку активна.

- Органик хаус е жанр што е застапен и слушан многу повеќе надвор отколку тука кај нас. Ние сѐ уште не сме во тој подем, иако моментално станува збор за еден од жанровите што се шират многу брзо, особено во земјите од Блискиот Исток, но веќе и во Европа и во САД. Имаме и неколку музичари од Македонија кои се многу талентирани и соработуваме со нив, на пример: InvictoZ (Стефан Тиловски) од кого го имаме издадено синглот-ремикс „Некогаш ќе помине“ во соработка со Лара Иванова и Робин Зимбаков, кој постигна голем успех во светски рамки, а е хит и во Македонија, потоа Dule Lud (По друм одам), Desertum, Billy Esteban, Rialians On Earth, Маријан - Dzika, Nora Projekt и многу други - вели Илиева.



Некои од најпознатите списанија, меѓу кои Форбс, Билборс, Готам магазин, Инфлуенсив, „Џерусалим пост“ пишуваа за растечкиот бренд „Кафе де Анатолија“, кој е прв македонски бренд што беше промовиран на Тајмс сквер во Њујорк, САД.



Насловна фотографија: Михаил Митев
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема