Грант Сабатиер е навидум обичен млад Американец кој има необична животна приказна. Пред само неколку години на својата банкарска сметка имал само 2,26 долари, што тогаш не било доволно ни за топол оброк во ресторан за брза храна. Во тој момент, очаен и разочаран, одлучил од темел да ги промени своите животни навики и си ветил дека во најкраток можен рок ќе заработи еден милион долари и ќе се пензионира како човек.
Својата цел ја остварил за само пет години, три месеци и шест дена. Имено, по пет години тој успеал да заштеди 1,2 милион долари така што секоја година штедел повеќе од 80 отсто од својата годишна заработка, која просечно се движела околу 300.000 долари. Потоа заштедата ја инвестирал во акции.
Иако клучот на неговиот успех се крие во дисциплинираното штедење, Сабатиер наведува дека најголемата лекција што ја научил од целата ситуација била дека треба да се почне од моменталното работно место и да се инсистира на подобри услови.
- Почнете од своето моментално работно место и инсистирајте на највисок можен износ на плата што можете да го очекувате со оглед на вашето искуство и способност - истакнува Сабатиер.
Тој е основач на советничкото здружение „Милениал мани“ и е автор на книгата „Финансиска слобода; Докажан пат кон сите пари што ќе ви бидат потребни“.
- Факт е дека многу луѓе не го достигнале врвот ни на работата што моментално ја работат - заклучува тој.
Првенствено, смета Сабатиер, треба да се почне со користење на сите повластици што ви ги нуди моменталниот работодавец, како дополнителни здравствени услуги (можност за систематски преглед), дополнителни полиси на пензиското или можност за дополнително усовршување. Така можете веднаш да почнете да штедите на сопствените трошоци. Можеби сè уште не сте свесни кои повластици ви се на располагање на работното место? Во тој случај Сабатиер советува во првата пригода да договорите состанок со претставник од кадровската служба и да проверите што ви е на располагање.
Друг клучен чекор е да инсистирате на тоа да бидете чесно платени за работата што ја работите. Само 19 отсто од испитаниците сметаат дека заработуваат онолку колку што би требало според опсегот на работа, одговорностите или искуството.
- Навистина голем број испитаници сметаат дека заслужуваат покачување, но никогаш не го побарале тоа од своите работодавци - вели Сабатиер.
Тој додава дека вработените најмногу се плашат од отказ при барањето подобри работни услови или поголеми компензации.
- Вработените често не се свесни за фактот дека тие имаат поголема моќ над своите работодавци отколку што тие имаат над вработените. Имено, на работодавците им е најскапо менувањето на квалитетните работници, па многу е поверојатно дека ќе ви излезат во пресрет со некое поразумно барање отколку повторно да вложуваат во некој нов - истакнува Сабатиер, додавајќи дека сте должни да направите анализа на индустријата за да процените кој е вашиот реален
максимум.