Од канадскиот стартап „Карбон инженеринг“ велат дека обезбедиле финансии за градење футуристичка постројка што секоја година ќе впива јаглероден диоксид од атмосферата како 40 милиони дрвја. Меѓу оние што финансиски ги поддржуваат е и основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, како и неколку големи енергетски компании.
- Рундата за финансирање - најголемата од тој вид во компанија за директно фаќање воздух (Direct Air Capture) - го покажува сè поголемото признавање на бенефитите и комерцијалната подготвеност на нашата ДАЦ-технологија - истакна извршниот директор на стартапот, Стив Олдам.
Тој додаде дека додека светот проценува како да се справи со климатските промени, истовремено одржувајќи ги економиите со енергијата што им е потребна, нивната технологија може да понуди клучен дел од решението.
Од стартапот се несигурни за прецизната технологија што ќе ја користи објектот со површина од 30 акри, но на нивната страница ветуваат дека ќе можат да го чуваат фатениот јаглерод под земја или да го искористат за синтетизирање на гориво кое може да биде искористено за обични возила.
Олдам ја подбуцна и можноста некои инвеститори (како што се нафтените компании „Шеврон“ и „Оксидентал петролеум корпорејшн“) да се заинтересирани за користење на технологијата за да ги амортизираат нивните емисии на
јаглерод.