X
 23.08.2019 Живот

Амазонските пожари може да се видат и од вселената

Амазонската прашума гори. Според податоците на бразилската вселенска агенција, од почетокот на годинава во Амазонија избиле повеќе од 75.000 пожари, што негативно влијае врз биолошката разноликост на подрачјето и на способноста на Јужна Америка да се бори против глобалното затоплување.

Колку е сериозна ситуацијата, покажува и тоа што пожарите може да се видат и од вселената. Тие почнаа експоненцијално да се шират во текот на изминатите два месеца бидејќи тогаш настапи сушната сезона во Бразил.

НАСА објави фотографии од чадот што се шири низ Амазонија, а кој стаса и до Сао Пауло и го затемни небото среде бел ден. Некои луѓе затемнувањето на небото на социјалните мрежи го нарекуваа апокалипса.

Многу корисници на социјалните мрежи исто така беа бесни поради тоа што, како што наведуваат, луѓето повеќе се грижеле за пожарот во Нотр Дам, а всушност требало да бидат загрижени за Амазонија.
Загриженост за пожарите и повици за преземање чекори за да се запрат вакви катастрофи на социјалните мрежи напишаа и многу славни личности и политичари, меѓу кои и Пау Гасол, Кристијано Роналдо, Емануел Макрон итн.
„Белите дробови на Земјата“

Амазонската прашума зафаќа површина од огромни 5,5 милиони квадратни километри. Исто така, се смета за еден од најголемите генератори на кислород на планетата и се нарекува „бели дробови на Земјата“, а истовремено е клучен механизам за апсорбирање јаглероден диоксид, што е клучно во борбата против глобалното затоплување. Се проценува дека шумите апсорбираат околу 2,4 милијарди тони јаглероден диоксид, а една четвртина апсорбира Амазонија.

Меѓутоа, според истражување од 2015 година, способноста за апсорпција на Амазонија слабее. Научниците тоа го припишуваат на интензивното сечење на шумата и честите пожари, но истакнуваат дека и кога не би имало дефорестација, Амазонија не би можела да се носи со сѐ поголемото производство на јаглероден диоксид.

Какви последици остава пожарот?


Нештата би можеле да станат многу полоши за Бразил и за другите земји во светот, вклучувајќи ги САД, Канада и земјите во Европа. Проблематично е тоа што со намалувањето на шумите се намалуваат и производството на кислород и апсорпцијата на јаглероден диоксид, што може негативно да се одрази најмногу во споменатите земји.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот